Со уредба продолжен рокот во кој ќе се менуваат договорните услови на кредитите за 90 дена по вонредната состојба

На оваа седница е донесена измена на Уредбата со законска сила за примена на Законот за акцизите за време на вонредна состојба.

321

На вчерашната седница Владата донесе изменување на Уредбата со законска сила за начинот на промена на договорни услови на кредитни изложености кај банките и штедилниците. Со Уредбата се предвидува продолжување на рокот во кој банките и штедилниците можат да ги променат договорните услови на кредитните изложености на должниците – правни и физички лица и тоа за 90 дена по престанокот на траењето на вонредната состојба.

Исто така, беше донесена и Уредба со законска сила за изменување на Уредбата за примена на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити за време на вонредна состојба, со која се овозможува и во наредните 90 дена висината на трошоците кои не се вклучени во пресметката на годишната стапка на вкупни трошоци, да не надминува 30 проценти од износот на одобрениот кредит.






На оваа седница е донесена измена на Уредбата со законска сила за примена на Законот за акцизите за време на вонредна состојба, со која се продолжува рокот за исполнување на обврската за поднесување гаранција за обезбедување на плаќањето на акцизниот долг кој може да настане за акцизните добра кои се наоѓаат во постапка на акцизно одложување. Имено, приватните здравствени установи, аптеките и производителите на лекови, помошни лековити средства и средства за дезинфекција кои се иматели на одобрение за повластен корисник, треба да поднесат гаранција заклучно со 31 декември 2020 година, како дополнителна олеснителна мерка во услови на ширење на коронавирусот ковид-19.

На вчерашната седница донесено е дополнување на Уредбата со законска сила за примена на одредбите од Законот за минерални суровини, со која се уредуваат причините и постапката за времено запирање на вршењето на експлоатацијата на доделени концесии за експлоатација на неметалични минерални суровини од страна на концедентот во случај кога вршењето на експлоатацијата го нарушува здравјето на населението.

 

Поврзани содржини