СО ТЕХНОЛОГИЈА ПРОТИВ ДУПКИТЕ Германците испробуваат нов систем за греење и за ладење на патиштата
Германците планираат да ги климатизираат патиштата, а новата технологија треба да обезбеди подолготрајни патишта, без дупки и пукнатини.
Како во лето, така и во зима, возачите се борат со дупките на патот кои најчесто се предизвикани од високите или многу ниските температури, а поради тоа Германците веќе започнале да работат на нова технологија и се надеваат дека новитетот ќе помогне со овој проблем.
Еден од најголемите проблеми со кој се соочува светот се дупките кои се прават при снегови, мразови или многу високи температури. Па така, во некои земји се користи водата од киселите краставички за топење на мразот, додека, пак, во САД, патиштата ги прават од рециклирани пластични шишиња. Интензивно се користи 3Д технологијата, како и вештачката интелегенција.
Германците дојдоа до сосема различна идеја. Тие планираат да ги климатизираат патиштата, а новата технологија треба да обезбеди подолготрајни патишта, без дупки и пукнатини.
Градежните работи веќе се започнати на патот Келн-Исток, каде што најпрво ќе се тестира новиот систем. Идејата е да се инсталираат цевки низ кои минува геотермалната вода и на тој начин да се помогне во ладењето во лето и во греењето зиме.
Паралелно се тестира и друга технологија, ќе се изградат пет тест полиња и едно референтно поле во должина од 55 метри. Секое поле ќе има различни системи за контрола на температурата на патиштата. Две полиња ќе користат вода, а три ќе имаат воздушни комори.
Работата на овој вид клима-уред ќе се следи во следните три години преку температурни сензори и камери за термичка слика.
Ако таков систем се покаже како ефикасен, постои голема шанса да се инсталира на најкритичните делови, како што се, на пример, излези од тунели или мостови.