Со ситен чекор до Мајка Тереза, наместо со скок
Па одлучивме со тоа да направиме јавен пристап до спомен обележјето за куќата на Мајка Тереза и така како што треба да биде ќе биде поставено во текот на денешниот ден - рече градоначалникот.
Вчера поставените плочки до спомен обележјето на скопјанката Гонџа Бојаџиу, наиде на потсмев на социјалните мрежи, а по одржувањето на прес-конференцијaта на директорот на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, Скендер Асани, тие беа отстранети.
Градоначалникот Шилегов изјави дека во текот на денешниот ден ќе биде направена соодветна патека, но не кажа зошто веднаш не било направено така, туку само биле расфрлани плочките кои водат до плочата поставена во чест на Мајка Тереза.
– Со службите во Градот констатиравме дека нема употреба на јавни средства на расходована опрема, која што била на плоштадот и била извадена и се наоѓа во магацините на „Улици и патишта“ не претставува трошење на јавни пари на приватен имот. Па одлучивме со тоа да направиме јавен пристап до спомен обележјето за куќата на Мајка Тереза и така како што треба да биде ќе биде поставено во текот на денешниот ден. Со тоа ќе излеземе пресрет на барањата на здруженијата за заштита на ликот и делото на Мајка Тереза да имаат непречен поплочен пристап до спомен обележјето – изјави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Тој додава дека нема да дозволи на оваа парцела која има приватен сопственик кој во 2012 година го купил земјиштето од државата во нелегална постапка и за која се води спор, да никне барокна 20-метарска висококатница која ќе го затвори плоштадот.
– Треба да се навратиме на суштинскиот проблем дека некој ја продал локацијата каде што се наоѓа таа спомен плоча, а ако се дозволела градбата на зградата и „шпанските скали“, кај што е ивицата на тревникот требаше да биде зградата, а скалите накај фонтанта, тогаш на која скала ќе беше поставена плочата? Додека јас сум на оваа функција, нема да дозволам јавниот простор да стане луда барокна градба. Очекувам јавното обвинителство да си ја врши работата, а јас ќе ја водам оваа борба сѐ додека оваа парцела не стане повторно јавен простор – нагласи Шилегов.