Со штитот или врз него

Кочани не смее да биде само уште една точка на листа на трагедии. Тоа мора да биде пресвртница, моментот кога системот почнува да се чисти од корупцијата што го гуши. Македонија заслужува да живее без страв дека следната несреќа е зад аголот, без чувство дека животите ни зависат од нечија алчност или немарност.

953

Трагедиите во Македонија не се новост. Имињата „Ласкарци“, „Беса транс“, „Модуларна болница“ се врежаа во колективната меморија како потсетници на системски пропусти, неказнивост и човечки загуби што можеле да се избегнат. Години наназад, овие настани беа проследени со бавни реакции, со истраги што се влечкаа низ лавиринтите на бирократијата, а одговорноста често остануваше недофатлива сенка. Но, последниот случај во Кочани донесе нешто различно – брза и решителна акција од МВР што остава впечаток дека овој пат, можеби, нештата се менуваат.

Во античка Спарта, мајките ги испраќале синовите во битка со зборовите: „Со штитот или врз него.“ Оваа поговорка значела дека војникот треба да се врати дома како победник, носејќи го штитот во рака, или мртов, носен врз него. Оваа сурова, но јасна порака за чест и одговорност сега одекнува и во нашата реалност. Борбата со корупцијата е токму таква битка – победа или пораз, нема среден пат.






За разлика од минатото, кога неказнивоста беше речиси загарантирана, сега гледаме зрак на надеж. Уапсени се тројца поранешни градоначалници, поранешен министер, поранешна државна секретарка, како и низа високо позиционирани началници. Актуелните функционери, пак, се разрешени од должност за да се обезбеди истрагата да не биде попречена од нивно влијание. Ова не е само формалност – ова е сигнал дека системот, барем навидум, почнува да ги затега синџирите околу оние што долго време се сметаа за недопирливи. Брзината и обемот на реакцијата се нешто што не сме го виделе во изминатите децении, а тоа само по себе заслужува внимание.

Владата предводена од Христијан Мицкоски покажува решителност во овие први чекори, и јас, како и многу други, ја поддржувам оваа акција. Борбата против корупцијата и неказнивоста не е лесна – таа е војна против длабоко вкоренети интереси, против мрежа на моќ што со години ги диктираше правилата. Ако оваа влада успее да го одржи курсот, ако успее да ги доведе овие случаи до крај со конкретни резултати – осуди, одговорност, правда – тогаш ќе излезе со штитот во рака, како победник во име на народот. Но, ако овие акции останат само театар, ако завршат во празни ветувања и половични мерки, тогаш ќе завршат врз штитот – поразени од истиот систем што ветија да го расклопат.

Македонскиот народ е изморен од ветувања. Десетици политичари низ годините се колнеа во „нулта толеранција“, во „правда за сите“, во „едно општество“. Но, ветувањата останаа празни зборови, а реалноста беше сурова – корупцијата продолжи да цвета, додека граѓаните плаќаа висока цена. Затоа сметам дека народот веќе не бара убави фрази, туку реален почеток на борбата против овој рак на општеството. Не ни требаат нови декларации или кампањи со звучни слогани – сакаме да видиме дела. Реакцијата и уапсените високи функционери се прв чекор, но тој чекор мора да води кон судски пресуди, кон враќање на украденото, кон систем што ќе функционира за граѓаните, а не против нив.

Ѕверот ќе се бори

Да не се залажуваме дека оваа борба ќе оди лесно. Прво, затоа што системот, како што го опишав тоа во претходната колумна (Кога гневот не е доволен), покрај властите, го составуваме и сите ние, со своите лоши навики и со своето неделување. Промената на тој систем е процес кој споро ќе оди. Но, поголем проблем е што корумпираните елити нема да се предадат без борба. Ѕверот на корупцијата, кој со децении се хранеше од слабостите на системот, ќе возврати. Веќе гледаме обиди за дестабилизација – повици за континуирани протести, повици за блокада на институциите, па дури и повици за одмазда со убиства на политичари. Злоупотребата на емотивната реакција на македонскиот напатен народ стана очигледна. Некој притиска за да се парализира државата и да се задуши оваа иницијатива во зародиш. Барем за мене, ова не е случајност. Ова е очајнички обид на оние што го губат тлото под нозете да ја задржат моќта. Властите, независно дали се извршна или судска, мора да бидат подготвени за овој отпор, а граѓаните мора да останат будни. Сите треба да знаат: борбата не завршува со апсења – таа допрва почнува.

Ова е моментот кога мора да покаже дека ова не е борба само за политички поени, туку за суштинска промена. Граѓаните не се наивни – тие ги паметат трагедиите, ги паметат ветувањата, но ги паметат и разочарувањата. Судската власт мора да се бори за враќање на својот руиниран кредибилитет, а пак доколку оваа борба пропадне, не само што ќе се изгуби довербата во актуелната извршна власт, туку и воопшто во можноста за промена. А тоа е луксуз што Македонија не може да си го дозволи. Затоа, поддршката што ја давам не е слепа – таа е условена. Покажете ни дека можете да победите, дека можете да го кренете штитот на правдата. Во спротивно, историјата нема да прости, а народот уште помалку.

Кочани не смее да биде само уште една точка на листа на трагедии. Тоа мора да биде пресвртница, моментот кога системот почнува да се чисти од корупцијата што го гуши. Македонија заслужува да живее без страв дека следната несреќа е зад аголот, без чувство дека животите ни зависат од нечија алчност или немарност. Ова е битка што мора да се добие, а за Мицкоски, за Тошкоски, за обвинителите што ќе ги водат постапките и за судиите што ќе судат ќе кажам само – ве чекаме, со штитот или врз него.

Поврзани содржини