СО „РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА“ МОЖЕ И НА ОДМОР ВО ГРЦИЈА Возачките дозволи остануваат важечки и дома и во странство
Со законските измени возачките дозволи ќе можат да се употребуваат во Македонија и надвор од Македонија. Зошто? Затоа што истите претставуваат основ за вадење на меѓународна возачка дозвола врз основа на која се легитимираат нашите возачи во странство - појасни министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
– Возачки дозволи претставуваат основна важечка исправа врз основа дали одредено лице може да управува моторно возило. Доколку не важеа, односно доколку не се случеше она чудо кое што се случи денеска политичките актери во земјава да седнат и да се согласат конечно за прашање во интерес на граѓаните, во тој случај ќе беше проблем и немаше да може да бидат употребувани како во странство така и во внатрешноста. Со овие измени возачките дозволи ќе можат да се употребуваат во Република Северна Македонија и надвор од Република Северна Македонија. Зошто? Затоа што истите претставуваат основ за вадење на меѓународна возачка дозвола врз основа на која се легитимираат нашите возачи во странство. Но, основата од каде што се влече правото да се легитимираат е возачката дозвола која што е издадена од страна на нашата држава. Ќе употребам фраза што е позната во јавноста „Како до сега. Нема разлика” – истакнува Тошковски.
Во Македонија се испечатени околу 525.000 активни возачки дозволи со новото име на државата, додека пак со старото име во важност остануваат уште 272.000 возачки дозволи. Тоа се важечки возачки дозволи коишто не се обновени со новото име, вели тој заблагодарувајќи се на граѓаните и медиумите коишто во изминатите 24 часа извршија притисок политичките актери во Собранието да ги изгласаат предложените измени за доброто на сите граѓани.
– Им се заблагодарувам на сите граѓани коишто го направија притисокот вчера, особено вам ви се заблагодарувам како новинари коишто го отворивте прашањето и беше дискутирано во рамки на овие 24 часа, врз основа на кое што политичарите во Собранието на Република Северна Македонија ја сфатија важноста, проблемот и значењето за граѓаните и овозможија најмалку 272.000 возачи да можат да управуваат моторно возило во Република Северна Македонија и надвор од Република Северна Македонија на издадени возачки дозволи со старото име. Но, вкупниот број на возачи се претпоставува дека е некаде до милион, така што оваа бројка може да биде и малку поголема. Многу ми е битно граѓаните да знаат дека рокот којшто е даден е реален за да биде во целост задоволено нивното право од аспект на можностите коишто ги имаме како држава – порачува министерот Тошковски.
Според податоците коишто ги сподели тој, во моментов обрасци за возачки дозволи од типот А има околу 30.000 од кои 8.000 се испечатени и дополнителни 60.000 од типот Б.