Со прочистување на крвта излекувани 25 тешко болни пациенти со ковид-19 во Клиниката „Жан Митрев“ (ВИДЕО)
Дваесет и пет пациенти со тешка форма на ковид-19 за три недели се излекувани на Клиниката „Жан Митрев“ со методата хемофилтрација, објасни д-р Митрев во видео обраќање кое го објави вчера.
– Сите примени пациенти беа со изразени симптоми на ковид инфекција. Нашиот концепт на лекување подразбира прво следење на инфективните параметри, го одредуваме инфламаторниот индекс на тој пациент и ако се влошува состојбата на белите дробови веднаш одиме на хемофилтрација, прочистување на крвта кое трае 24 или 48 часа, а кај некои пациенти во многу тешка состојба прочистувањето и подолго. Досега се третирани 25 пациенти со индикација да се стават на респиратор, што со примена на овој метод го избегнавме. Повеќе од половината од пациентите се веќе дома, а другите се во фаза на опоравување – вели Митрев истакнувајќи дека овој резултат е благодарение на долгогодишното искуство на Клиниката со пациенти со сепса.
Оваа техника, додава тој, дава одлични и охрабрувачки резултати за тешко болни пациенти пред интубација.
– Загрижувачки е тоа што имаме сè повеќе млади пациенти. Последниот пациент што сѐ уште го третираме е 23-годишен. Ова е тешка болест, многу агресивна и досега во светски рамки нема концепт како треба пациентите да се третираат. Се работи за навистина сериозна болест – рече Митрев.
Само еден пациент со ковид-19 во Клиниката „Жан Митрев“ бил интубиран и по неколку час бил екстубиран. Починат е еден 84-годишен пациент кој бил донесен во многу тешка состојба. Еден пациент починал завчера, а бил донесен од друга болница каде бил лекуван и интубиран повеќе од 10 дена.
– Можеби треба да се пристапи во редефинирање на третманот, не е интубацијата она што значи продолжување за терапијата. Можеби хемофилтрацијата, прочистувањето на крвта е број еден во пристапот на лекувањето на пациентите, па потоа сите други интензивни мерки на лекување – вели д-р Митрев.
За оваа метода Клиниката „Жан Митрев“ најави дека наскоро ќе објави и во познатите светски научни портали.