СО ПАМЕТНИТЕ БРОИЛА ЌЕ ЗАБОРАВИМЕ НА ПАУШАЛИТЕ Што точно добиваме како потрошувачи со новиот закон за енергетика?
Сашо Салтировски, шеф на Електродистрибуција, на брифингот даде детали за новите паметни броила. Тој вели дека ЕСМ веќе има набавено 200.000 од овие GSM броила за далечинско отчитување и дека во тек е тендер, но дека реално првите инсталирани броила може да ги видиме најрано од 1 јануари.
Нов дигитализиран систем во кој потрошувачот на струја ќе биде во центарот, предвидува обемниот Закон за енергетика кој неодамна беше изгласан. На брифинг со новинарите во Едукативниот центар на Матка, министерката за енергетика и челници од ЕСМ и МЕПСО ги објаснија придобивките, меѓу кои е прецизноста на добиените информации.
Во фокусот на измените се паметните броила за далечинско отчитување струја кои ќе треба да бидат набавени постепено во следните 10 години, а 80% од броилата треба да бидат поставени до 2031 година.
Предвидени се и подобрени механизми за надомест при прекини или штети и нови регулаторни алатки за кориснички приговори. Новиот закон предвидува МЕПСО и ЕВН во реално време да разменуваат информации за да нема „дупки“ кога корисникот ќе праша за неговата сметка.
Граѓаните со новите промени би можеле да отчитуваат колку трошат или произведуваат на уредите кои ги поседуваат, дали се тоа клима уреди, соларни панели или нивното броило за струја. Јасната и детална пресметка е една од целите на законот во делот за транспарентност.
Министерката Сања Божиновска вели дека ова би значело крај на поплаките на граѓаните кои, како што вели, се исти и во зима и во лето.
– Можност за паметни сметки и за подобро снабдување на системот, имавме загуби од 24%, сега сме на 14%, сакаме да стигнеме на едноцифрена бројка – рече министерката заблагодарувајќи им на МЕПСО за експертизата и на ЕВН за соработката на, како што рече, историската реформа.
Истакнувајќи ги клучните делови од законот таа рече:
– Првпат воведуваме заштита за ранливите граѓани, во енергетската сиромаштија, ќе има нефискална група која ќе може да се исклучи во текот на зимата. Ќе имаме либерализиран конкурентен пазар. Ќе има „intraday“ тргување и „market coupling“. Со новиот закон за 48 часа ќе може да се смени снабдувачот. Ќе има т.н. граѓански заедници, тоа значи станарите ќе можат да се договорат да постават соларни панели во зградата.
Сашо Салтировски, шеф на Електродистрибуција, на брифингот даде детали за новите паметни броила. Тој вели дека ЕСМ веќе има набавено 200.000 од овие GSM броила за далечинско отчитување и дека во тек е тендер, но дека реално првите инсталирани броила може да ги видиме најрано од 1 јануари.
Tој вели дека 80% случаи треба да купат броила, додека за 10 години треба целосна имплементација.
– Правиме пик кој е многу сензитивен во бизнисот. И да сакаме немаме логистика преку ноќ да промениме 900.000 броила. Предност ќе имаат тие што ќе покажат интерес. Направивме проект и план со инфраструктура. Само процесот на набавка е една година, значи најмалку една година за да ги видиме првите броила. Но, ние ќе мора да избереме и соодветен софтвер. Корисникот сака во моментот на апликација да знае колку му потрошил објектот, односно произвеле соларните панели или климата – рече Салтировски.
Тој уверува дека нема да има никакво поскапување на струјата во процесот кој веќе трае. Но, она што ќе одземе време е јавната расправа за броилата, меѓу кои и оценките на Регулаторната комисија за проектот.
– Смарт броилата се регулирани во новиот закон. Имаме веќе 150.000 далечински броила. Технолошки се комплицирани. Мора добро да размислиме. Проблемот е и приватноста на информациите. Временски, не можеме да ги смениме сите броила во земјата. Прво ќе има студија, јавна расправа, па тендер. Целта е годишно рамномерно да се менуваат броилата со смарт броила – додаде тој.
Зборувајќи за дигитализацијата и за можностите за инвестиции во обновливи извори на струја преку една нова централизирана и поедноставна постапка, Салтировски ја спомна можноста двајца граѓани да си разменат струја или да тргуваат на пазарот.
Целата точност на системот кој треба да биде електронски треба да доведе и до помали загуби на струја. Според податоците на Електродистрибуција во Скопје се губи струја до 18,1% во Скопје, а потоа на списокот е Штип со загуби од 14,6%. Салтировски вели дека сигурно паметните броила ќе го забрзаат тој процес.
ЕСМ има мастер план за загуби, уверува тој.
– Секоја година планот е да се намалат по 10 милиони евра од загубите, до 2033 година загубите да бидат под 10%. Дел од тоа е и вадење на броилата надвор од објектите каде што е можно. Но, секако, крадењето струја е фактор и тука имаме соработка со обвинителството, МВР и со институциите – додаде тој.
На брифингот врзан со новиот закон зборуваше и Александар Пауноски, заменик директор на МЕПСО. Тој вели дека новиот закон предвидува динамична соработка меѓу МЕПСО и ЕВН во врска со балансирањето на сметките.
Тоа практично значи дека граѓаните нема да бидат препраќани во „лавиринтот на институциите“ кога ќе побараат помош во врска со нивната сметка.
Пауноски открива дека ЕВН излегла во пресрет во врска со балансирање на сметките.
– Со новото правило деновите на фактурирање се намалени од 60 на 25 дена. Бевме држава со најголеми отстапувања од цела Европа. Трпевме притисоци како МЕПСО од ЕУ. Тоа беше фрапирачки. Ни беше сугерирано дека мора да има казни – вели Пауновски откривајќи дека тоа е една од клучните работи кои ги повело Министерството за енергетика и дека новиот закон ги користи најдобрите пракси од законите во регионот и во ЕУ.
На прашањето дали ќе се вратат 10 милиони евра во МЕПСО од дебалансите, тој вели дека сега тие се сведени на 10 до 20 мегават часови, додека порано изнесувале меѓу и 500 и 600.