СО КОИ ПРАШАЊА ЌЕ ГО ДОКАЖУВААТ СИЛНОТО ОБВИНЕНИЕ ПРОТИВ АЛЕКСАНДАР? Обвинителките ќе го испрашуваат таткото на убиената Вања
Застапничките на обвинението Крстевска Јосифовска и Стојковиќ Димитровска досега не презентираа ниту вербални, ниту материјални докази за она за што го товарат Александар како петтообвинет – дека на првообвинетиот Љупчо Павлески Палчо му оддал информација кога неговата ќерка оди сама кон училиштето, без сестра ѝ, за да може да биде грабната, со цел за неа да се бара откуп од член на семејството.
Обвинителките Жаклина Крстевска Јосифовска и Ана Стојковиќ Димитровска на денешното рочиште во Кривичниот суд ќе го испрашуваат обвинетиот Александар Ѓорчевски, кому му се суди за помагање во грабнувањето на неговата убиена ќерка Вања (14). Со нивните прашања тие ќе се обидат да го докажат своето силно обвинение дека токму тој им оддал информации на грабнувачите дека Вања во кобниот понеделник на 27 ноември 2023 година ќе оди сама на училиште.
Досега без докази
На прашањата на неговиот бранител Владимир Туфегџиќ во понеделникот Ѓорчевски во детаљи ги раскажа случувањата од денот кога исчезна неговата Вања, до денот кога таа беше пронајдена мртва, а тој упасен од полицијата. Рече дека ја барал како знае и умее и водел приватна истрага со помош на пријателите и семејството, како и дека полициските инспектори кои го воделе случајот сурово го тепале и го терале да признае дека е вмешан во смртта на неговото дете.

Застапничките на обвинението Крстевска Јосифовска и Стојковиќ Димитровска досега не презентираа ниту вербални, ниту материјални докази за она за што го товарат Александар како петтообвинет – дека на првообвинетиот Љупчо Павлески Палчо му оддал информација кога неговата ќерка оди сама кон училиштето, без сестра ѝ, за да може да биде грабната, со цел за неа да се бара откуп од член на семејството. Напротив, со сведоците кои тие ги повикаа пред судот, повеќе се докажа невиноста отколку вината на таткото. Пријателите и членовите на семејството на Александар во детаљи раскажуваа како тој ја барал Вања и како со помош на кумашинот Гоце Трајковски пред полицијата го решил случајот. И тројцата обвинети што досега дадоа исказ, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев, сведочеа дека Александар е невин и никогаш не слушнале или разбрале дека Палчо комуницира со таткото. Сите тројца рекоа дека биле присилени да го вмешаат Александар во случајот поради силниот ќотек што го добиле во полициската станица „Пролет“ и во притворот во Шуто Оризари.
Против Александар сведочеа само инспекторите Дејан Димовски и Музафер Каришиќ, кои ја воделе полициската истрага по исчезнувањето на Вања. Тие не посочија некакви конкретни дејствија што ги извршил Александар, а тие ги утврдиле, туку рекоа дека им бил сомнителен затоа што бил уверен дека Вања е киднапирана, па убиена. Но, од друга страна токму за тие инспектори, Димовски и Каришиќ, како и за инспектор со име Кире, Александар рече дека го тепале во полициската станица за да му изнудат признание.
„Оставам на совеста на Обвинителството“
Поради сите овие околности адвокатот Владимир Туфегџиќ во понеделникот рече дека „остава на совеста на Обвинителството“ како ќе постапи понатаму. Додаде и дека не очекува дека ЈО во оваа фаза ќе се повлече од обвинението против Ѓорчевски.
– Не очекувам дека застапникот на обвинението туку така ќе се предаде. Јасно му е на Јавното обвинителство дека аргументи и докази против Александар нема. Она што тие го сметаат за аргументи, не може да бидат докази и аргументи во кривична постапка. Реален доказ против Александар не е изнесен, така што оставам на совеста на ЈО како ќе одлучи понатаму. Секако, конечната одлука ќе ја има Судот – рече Туфегџиќ во понеделникот.
Тој додаде дека целосно му верува на Ѓорчевски.
– Александар даде опис како постапувале полицајците. За тортурата што му е вршена тој беше воздржан пред судот, во споредба со она што јас го знам како опис на тортурата што е вршена врз него – додаде бранителот на Ѓорчевски.
Ѓорчевски негираше сè
Во своето сведочење Ѓорчевски рече дека смета дека дал голем придонес во истрагата преку контактите на неговиот кумашин Гоце Трајковски од полицијата и од Сејф сити. Додаде дека кај обвинетите не забележал чувство на вина што го убиле неговото дете и дека ако не биле фатени и сопрени, кој знае уште колку злосторства ќе извршеле.
Раскажа дека во полициската станица инспекторите не му соопштиле на човечки начин дека ќерка му Вања е пронајдена мртва, но тој насетувал, а страшната вест ја дознал дури во Обвинителството на распит, кога му ја соопштила обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска.
– Дојдоа инспекторите Дејан, Кире и Музафер. Веднаш ги прашав да не се случило нешто, Дејан ми одговори – не се прави дека не знаеш. Сега ти ќе ни кажеш нам што се случило. Ги имаше фатено еуфорија. Инспекторот Кире викаше на цел глас „со 100 нула ве победивме“, Дејан викаше дека јас сум ѝ ставил селотејп на устата, цело време сум знаел што се случува и сум ги влечел за нос. Се одвиваше и физичка тортура, која не ја ни приметував. Бев парализиран, како дух. Едноставно, поминуваа ударите низ мене. И на секое мое прашање, добро луѓе кажете што се случило, одговараа дека јас сум тој што треба да им каже – говореше Александар пред судот.
Александар Ѓорчевски беше уапсен на 2 декември 2023 година, под сомнение за помагање во грабнувањето на неговата ќерка Вања, која тој ден рано науто беше пронајдена мртва. По неговото апсење тогашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и шефот на ОЈО Скопје Гаврил Бубевски рекоа дека таткото е вмешан во грабнувањето.
– Мотивот е користољубие, при што едно од лицата, во договор и со знаење на член на семејството, го организирал извршувањето на кривичното дело со цел да се изнудат пари од мајката на малолетничката – рече тогаш Спасовски на заедничката прес-конференција со Бубевски.
Истиот ден беа уапсени и Манев, Видевски и Кешишев, за свирепите убиства на 14-годишното девојче и на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес. Првообвинетиот за двете убиства Палевски во тој момент беше избеган во Турција, но полицијата го уапси, по што беше екстрадиран во Македонија.
Во понеделник Палевски ќе го дава својот исказ.