СО ГРУБИ ПОВЕЌЕ НЕ МОЖЕ ДА СЕ РАБОТИ „Огнените“ бараат свежина во ДУИ, ама не го даваат Ахмети
Цел владин состав потфрли и треба да се замени со нов свеж кадар. Свежина е потребна и во раководството на ДУИ. Груби и Османи ги имаат најслабите резултати во Владата и за првпат се случува рејтингот на албанската опозиција да го надмине рејтингот на ДУИ, изјави пратеникот Изет Меџити од „огнената група“ на ДУИ.
Носењето одлуки се претвори во ексклузивна привилегија на Артан Груби, а таа негова привилегија предизвика поделба во партиските тела обвини денеска пратеникот Изет Меџити, кој е дел од таканаречената „огнена група“ од ДУИ.
Членовите на „огнената група“ денеска одржаа прес-конференција на која распалија со критики кон првиот вицепремиер Артан Груби, но и кон министерот за надворешни работи Бујар Османи, велејќи дека тие двајца имаат најслаби резултати во својата работа.
– Немаме проблем со ориентацијата на Владата. Ова е принципиелна војна која се одвива внатре во ДУИ. Oва ќе се рефлектира на пошироко ниво. Цел владин состав потфрли и треба да се замени со нов свеж кадар. Свежина е потребна и во раководството на ДУИ. Груби и Османи ги имаат најслабите резултати во Владата и за првпат се случува рејтингот на албанската опозиција да го надмине рејтингот на ДУИ – изјави Меџити.
Според него, ова ова не оди само на штета на ДУИ, туку и на штета на државата.
– Се работи за членството на ДУИ. Ќе ги користиме сите демократски средства, ќе одиме тет-а-тет средби со членовите да видиме што велат тие – рече Меџити.
Како што вели пратеникот, нема дилеми дека Али Ахмети треба да остане како лидер на партијата.
– На две седници на претседателството аргументиравме зошто луѓето потфрлуваат и дека треба да си одат. Сѐ што се однесува за стратешките договори со ЕУ, Бугарија или добар закон во Собрание, јас ќе го гласам, а она што не е добро нема да го гласам – изјави Меџити.
Во т.н. „огнена група“ во ДУИ покрај Меџити се уште и градоначалниците Беџети и Ганиу, ексфункционерот Муса Џафери, како и пратеникот Кастриот Реџепи.