СО ДОБРИ ЗАКОНИ МАКЕДОНИЈА МОЖЕ ДА СТАНЕ ЕВРОПСКИ КРИПТО ЦЕНТАР Фокусирајте се на енергијата и на вештачката интелигенција и ќе имате просперитет, порачува Крис Павловски
Ако Македонија стане првата држава во Европа која ќе ги усвои законските измени и ќе им дозволи на крипто компаниите да дојдат тука, ќе има многу компании кои ќе ја напуштат Европа само за да дојдат во Македонија. Според мене, треба само добри закони, вели Крис Павловски, директор на компанијата „Рамбл“.
Има многу можности за инвестирање во Македонија, земјата може да биде Швајцарија на Балканот. Фокусирајте се на енергија, на вештачка интелегенција и на крипто и ќе имате многу просперитет во државата, порача Крис Павловски, директор на компанијата „Рамбл“.
Можете да станете следна Шваjцарија за идните генерации, вели тој.
– Можам да помогнам со вработувања, да донесам бизниси или инвестиции. Мислам дека Македонија не треба толку да се грижи за остатокот од светот, не треба толку да се грижи за ЕУ, ниту за кое било друго место во светот, туку треба да се грижи за самата себе. Швајцарија многу добро ја користи перцепцијата дека е неутрална, и мислам дека Македонија може да го направи тоа. Мислам дека на ваков начин може да просперира, слично како што направи Ел Салвадор во Централна Америка. Македонија го има тој потенцијал да биде неутрална држава која ќе се држи настрана од политичките случувања и да се фокусира на економијата, да ги отстрани бариерите за граѓаните и тоа треба да биде фокус – оцени Павловски во гостувањето на ТВ Сител.
Тој кажа дека се познава со премиерот Христијан Мицкоски и оти неговите родители се по потекло од Македонија.
– Моите родители се од тука, мојот татко е од Преспа, мојата мајка е од Мариово. Двајцата потекнуваат од села во овие области и имам голема поврзаност со оваа држава. Ја сакам Македонија и сакам сè да направам за да напредува, да донесам колку што е можно повеќе знаење. Дури и инвестирав во компании тука во 2011 година, вработивме многу луѓе, дури и „Рамбл“ има многу луѓе тука. Секогаш мислам на Македонија и на начините како да помогнам. Актуелниот премиер е одличен домаќин, прифаќа идеи и тие односи ги развиваме изминатите години. Тој е одлична личност – рече Павловски.
Според него, треба да се гледа низ призмата „не очекувај владата да направи сè за тебе, туку работи напорно за себе и за својата држава и таа може да биде одлично место“.
– Ако го отворите пазарот – банкарството беше голем сектор, еден од најголемите во светот, Швајцарија капитализираше од тоа. Новиот сектор кој се издигнува сега е крипто светот, целото законодавство кое Америка се обидува да го донесе во моментот. Ако Македонија стане првата држава во Европа која ќе ги усвои законските измени и ќе им дозволи на крипто компаниите да дојдат тука, ќе има многу компании кои ќе ја напуштат Европа само за да дојдат во Македонија. Според мене, треба само добри закони. Постои реална можност во дигитализацијата и напредно размислување, во вештачка интелегенција и крипто. Ако Македонија е напред во законската регулатива, тоа природно ќе донесе луѓе и бизниси – вели Павловски.
Тој истакна дека има околу 100 луѓе кои работат во компанијата „Космик девелопмент“ во Битола, додека во врска со „Рамбл“ планираат да направат многу тука.
-Проценуваме капацитети за центар на податоци, можности за инвестирање во енергетика, многу различни работи во кои може да се прошириме и да направим многу повеќе – рече Павловски.