СО БРЗА АКЦИЈА СПРЕЧЕНА КАТАСТРОФА ВО НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК МАВРОВО Ренџерите го изгаснаа пожарот кај бачилото Ќирилевец

Од НП „Маврово“ упатуваат благодарност до ренџерите за нивната посветеност, храброст и професионалност, а истовремено апелираат до сите посетители да бидат внимателни и одговорни.

53

Брзата реакција на Службата за заштита на природата при Јавната установа Национален парк „Маврово“ спречи пожарот што вчера избувнал во близина на бачилото Ќирилевец да се прошири кон едно од значајните живеалишта на дивата коза во Националниот парк „Маврово“.

Огнот бил навреме локализиран и целосно изгаснат, со што било спречено негово понатамошно ширење кон чувствителните природни подрачја.






Од Националниот парк информираат дека ова бил втор пожар на нивната територија во текот на истиот ден. Оттаму посочуваат дека случајот е уште еден показател за зголемениот ризик од пожари во овој период и за значењето на постојаното присуство на терен и брзото дејствување.

Во гаснењето интервенирала Службата за заштита на природата, чиј состав секојдневно патролира и во тешко пристапни и планински предели со цел да се заштитат природните богатства на паркот.

Од НП „Маврово“ упатуваат благодарност до ренџерите за нивната посветеност, храброст и професионалност, а истовремено апелираат до сите посетители да бидат внимателни и одговорни.

„Еден невнимателен момент може да предизвика непроценлива штета“, предупредуваат од паркот, нагласувајќи дека Маврово е природно наследство што треба да се зачува и за идните генерации.

Поврзани содржини