📽️ СНИМКА ОД ВОЗДУХ И ОД ТЕРЕН НА БУЛЕВАР МАКЕДОНИЈА Ѓорѓиевски покажа како изгледа по завршената прва фаза
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски објави видео од завршената прва фаза од булеварот Македонија, на кое се гледа реконструираниот коловоз и проширените сообраќајни ленти.
Ново видео објавено од градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, покажува како изгледа завршената прва фаза од булевар Македонија. На снимката може да се види обновениот коловоз, проширените сообраќајни ленти и подобрената проточност на сообраќајот на овој важен градски потег.
„Првата фаза од булеварот Македонија е готова. Чекор поблиску до првата подземна сообраќајница. Скопје го правиме заедно. По скопски“, напиша Ѓорѓиевски во објавата покрај видеото.
Според него, работите се одвивале со засилена динамика, често и во ноќните часови. На терен е извршена реконструкција и рехабилитација на постојниот коловоз, како и проширување на дел од сообраќајните ленти, со што значително се подобрува проточноста и функционалноста на сообраќајот.
Проектот ги опфаќа булеварот Борис Трајковски кај Рампа, улиците 11 Октомври и Пролет, како и дел од булеварот Македонија кој ќе се поврзува со следните фази. Во рамки на првата фаза, улицата Пролет е проширена со дополнителна коловозна лента на потегот од полициската станица „Пролет“ до Тутунскиот комбинат, а раскрсниците се уредени со нови сообраќајни острови.
Во текот на вечерните часови ќе се изврши и целосно обележување на коловозот, по што потегот ќе биде целосно подготвен за користење. Во наредните фази е предвидена изградба на кружен тек кај „Нова Македонија“, уште два кружни текови меѓу булеварот Кочо Рацин и улицата Јордан Мијалков, како и проширување на булеварот Св. Кирил и Методиј.
Паралелно се работи и на атмосферската канализација со поставување повеќе од 60 шахти и сливници, што треба да обезбеди долгорочна функционалност на инфраструктурата.