Смртна казна во Скопје
Ако осуденикот е многу грешен, тогаш би можел да добие и пакет „екстра брза умирачка“, но во тој случај треба да му се дозволи слободно да шета низ градот, да се вози со автобус и со велосипед, а и најмалку два часа во денот да гледа Собраниски канал. Сите овие активности би го зголемиле неговото изложување на отровните честички, а истовремено би му убиле толку многу неврони што дополнително би се намалила неговата шанса за преживување.
Во Алабама, еден осуденик за убиство стана првиот човек во САД кој беше егзекутиран со инхалација на азот. Ваквиот метод се смета за хуман и безболен, бидејќи осуденикот не чувствува недостиг на кислород, туку само заспива и умира. Процесот траел околу 22 минути, од кои осуденикот бил свесен само првите 120 секунди.
Но дали овој метод е навистина потребен? Дали не постои поедноставен и поевтин начин да се изврши смртната казна? Дали не може да се искористи еден природен ресурс кој е достапен и бесплатен за сите?
Мајку му стара, па зарем никој не се сети на бесплатниот отровен воздух за дишење во Скопје?
Според последните мерења, воздухот во нашиот главен град е меѓу најзагадените во светот. Нивото на убиствените ПМ10 честички кои можат да предизвикаат сериозни здравствени проблеми е неколкупати поголемо од препорачаното од Светската здравствена организација (СЗО). Ова значи дека жителите на Скопје вдишуваат воздух кој е полн со отровни супстанци како сулфур диоксид, азот диоксид, озон и јаглерод моноксид, и што ли уште не.
Да се дише таков воздух е како да се пие отров. Според една студија, загадениот воздух во Скопје годишно предизвикува околу 1.100 предвремени умирачки, односно во просек тројца наши сограѓани дневно умираат поради компликации од загадениот воздух. Ова е повеќе од бројот на смртни казни кои се извршени во САД во последните 10 години, зарем не?
Затоа, предлогот е јасен: наместо да се трошат пари и ресурси за да се произведува азот за егзекуција, зошто не да се испрати осуденикот на дишење во Скопје?
Тоа би било многу полесно и поевтино, а исто така би било и поефикасно. Осуденикот би умрел од загадениот воздух во рок од неколку години, а процесот може да се забрза ако биде оставен казната да ја „одлежи“ со просечна македонска плата. Така, ем ќе умира преку дишење, ем преку гладување.
Ако осуденикот е многу грешен, тогаш би можел да добие и пакет „екстра брза умирачка“, но во тој случај треба да му се дозволи слободно да шета низ градот, да се вози со автобус и со велосипед, а и најмалку два часа во денот да гледа Собраниски канал. Сите овие активности би го зголемиле неговото изложување на отровните честички, а истовремено би му убиле толку многу неврони што дополнително би се намалила неговата шанса за преживување.
Секако, ова е само една од многуте мои идеи, која можеби нема да биде прифатена од страна на властите во Алабама или во Скопје. Но, тоа не значи дека не може да се размислува за неа.
На крајот на краиштата, сите ние сме осуденици на смрт со дишење.