Смештај дан требит?
Засега, Охрид останува град на контрасти. Може да се најде чардак со винова лоза во ладовина кој нуди разумна цена и пристоен одмор, но може да ви понуди и чаша пенливо вино во ресторан каде што ќе го платите и погледот и готвачот со плата на неврохирург.
Живеам во Охрид – бисерот на Македонија. Ова место не е само метафора за убавина. Овде е најстарото езеро во Европа, со преку 200 ендемски видови. Ова е град под заштита на УНЕСКО и место каде што уште во IX век, свети Климент Охридски основал универзитет. Многу време пред универзитетот во Болоња, но за жал со прекинат континуитет. Овде, со векови наназад, се преплетуваат духовноста, писменоста и езерската мистичност. Охрид не е, и не треба да биде само „интересно место за слики на Инстаграм“.
Како што минува времето, овој мој град, не останува само дестинација за романтични души и љубители на историја. Тој стана и арена и туристички паноптикум – каде што можете да сретнете сè: пристојни истражувачи, љубители на култура, бучни балкански фраери или туристи што мислат дека со едно кафе купиле право на врвна ароганција и негодување.
Од сокачиња од калдрма што водат кон древни цркви, преку уникатни занаетчиски работилници и музеи до ресторани на брегот каде што со секое кафе ќе платите по некое евро плус заради ексклузивниот поглед врз оваа убавина, градот нуди широк спектар на искуства. Охрид има понуда каде може да јадете за 300 денари или потполно истата нарачка да ја платите 3.000. Може да спиете кај баба што издава соба „под лозје“, или во апартман со масажа и панорамски поглед. Секој да си избере.
Но секое лето се појавува еден ист феномен – турист со фискална сметка во рака и омилена реплика: „Скапо е! Како во Грција!“ Да, ама каде во Грција, драги мои? Во некое село зад четвртиот ред од пазарот за краставици? Овде пиете кафе во центарот на древен град, буквално со нозете во езерото. И не, не е исто со „Неа камен на дрвце“ и тројца рибари што станале газди.
Често се прашувам: Зошто воопшто седнуваат каде што им е скапо? Навистина не им е јасно дека „локацијата“ е половина цена? Во ист ресторан во Венеција, ако сте на страната на плоштадот на Свети Марко, се плаќа различна сметка, затоа што сте на плоштадот. Не е само до кафето, и до местото е. Зошто е тешко да се сфати тоа? Или можеби желбата за самопромоција – „чоече, ќе седнам у најјак ресторан, и ќе се жалам јавно“ – е дел од некоја чудна терапија?
Охрид не е Лас Вегас, признаваме, но не е ни дуќанчето познато со терминот „пред кооперација“. Има и евтин и скап оброк, и вино за 200 и за 12.000 денари. Но, оној кој нарачува на слепо и се жали на глас, не покажува храброст, туку неписменост. Покажува само дека не знае елементарна математика со која може да утврди од ценовникот – дали овие цени се достапни за него.
Следна поента, нешто што oхриѓани го стекнале во своето туристичко искуство. Постои и „темната страна“ на евтиниот туризам. Дел од луѓето – станоиздавачи, научени од искуство, избегнуваат да издаваат на секого. Зошто? Затоа што „смештај дан требит?“ најчесто носи и „шоу програма“: малолетни групи со шишиња и звучници, склони кон вандализам, алкохолна интоксикација со „ж’та од чичо“, дрога или тепачки. А родителите – радосни што ги „пуштиле децата во Охрид“ – забораваат дека не се сите чичковци добри самарјани. Некои издаваат без пријава, без критериум, без мир. Последиците ги трпи и градот, и домаќинот, а често и тие „гости“ – со инфузија или полиција. Затоа се зголемува бројот на оние што велат: подобро помалку гости, но со повеќе почит – и со повеќе пари. И да, непишано правило е дека оној што е подготвен да плати повеќе, поретко предизвикува проблеми. Затоа не треба да ве чуди што цените растат – не само поради инфлација, туку и како филтер за квалитет.
Засега, Охрид останува град на контрасти. Може да се најде чардак со винова лоза во ладовина кој нуди разумна цена и пристоен одмор, но може да ви понуди и чаша пенливо вино во ресторан каде што ќе го платите и погледот и готвачот со плата на неврохирург. Каде ќе одите – изборот е ваш.
За крај, два советa:
1. Пред да нарачате – погледнете го ценовникот; пред да се пожалите – прашајте се каде сте седнале.
2. Охрид има недостиг на услужен персонал, бидејќи искусните келнери одат на печалба во Хрватска. Често ве служат деца од 15 до 18 години. Тоа што ве служат не ги прави ваши слуги или робови. Бидете добри и внимателни кон нив, некои од нив се првенци на генерација, идни доктори, инженери… Не третирајте ги како недостојни затоа што „задоцниле со пијалакот 13 секунди“. Оладете се, одморете. Сепак сте во меанче во најубавиот град на светот. А јас ви благодарам од нивно име за тоа.
И запомнете – бисерот има сјај, но и цена. Каков сјај барате, таква цена ќе платите.
Ве очекуваме.