Словенечки безобразлуци
Ние сме уценети како држава, и под навредлив и понижувачки ултиматум и, ако имаме грам достоинство и како народ, и како држава, во дадените услови, не треба да го менуваме Уставот.
Македонија нема отворени прашања со Словенија и факт е дека, на разни меѓународни форуми, имавме нивна поддршка во нашиот од по маките, којшто трае веќе преку 30 години. Чинам дека и сегашната нивна министерка за надворешни работи, Тања Фајон, во разни прилики, и лично нѐ поддржуваше. Ова досегашно искуство не само што најавуваше, туку и обврзуваше нејзината посета на Македонија (октомври, 2022) да не остави никакви контраверзни пораки. За жал, не беше така. Се чини како Фајон да била брифирана во Скопје, а не во Љубљана за посетата. Инаку, таа во никој случај не би си дозволила да ѝ се случат толку многу грешки.
Прво, таа ја повторува лагата на нашите политичари и вели – „…важно е да бидеме свесни дека се почнати пристапните преговори“ и им честиташе на Владата и на македонските граѓани за „историскиот успех со отворањето на пристапните преговори за членство во Унијата“!
А, неспорен факт е дека – „пристапните преговори за членство“ – не се отворени туку е започната само процедурата за нивно отворање. Тоа се две сосема различни нешта. За да нема никакво недоразбирање, ќе цитираме што е напишано во таканаречениот „француски предлог“, во кој е и преговарачката рамка за Македонија која е утврдена, ама сѐ уште не е усвоена.
На самиот почеток на документот се вели – „По првата Меѓувладина конференција… им посакувам добредојде на почитуваните претставници на Македонија за завршување на првата фаза на отворање пристапни преговори на вашата земја со ЕУ“. Тоа го прочита Урсула фон дер Лајен и е многу јасно – завршена е првата фаза на отворање на преговори, а ќе следи и втора, и тоа само ако го промениме Уставот! Тогаш ќе има втора меѓувладина конференција, кога ќе се усвои и рамката за преговори. Ако нема рамка, а нема, за што ќе се преговара? Отворена е (само!) постапка за отворање на преговори која, во дадените услови, не мора никогаш да заврши. Самите преговори, пак, не се отворени.
За да им биде појасно на читателите, иако е сѐ сосема разбирливо, да дадеме сличен пример: апсолутно не е исто да се каже – одам на гости, и на гости сум. Можам и да не стигнам. Тоа целосно важи и за случајов: барем во блиска иднина, преговорите можеби нема ниту да се отворат. Ние сме уценети како држава, и под навредлив и понижувачки ултиматум и, ако имаме грам достоинство и како народ, и како држава, во дадените услови, не треба да го менуваме Уставот.
Дури да ни ја подарат и целата Унија. Ако е цената да бидеме избришани како народ, а тоа е целта бидејќи Софија јасно порачува: македонизмот, поточно Македонците, е историска провокација која не може да влезе во Унијата. А Брисел, тоа послушно го спроведува. Со наша согласност. Нема дилеми дека Софија ќе си го држи зборот и дека до крај, барем во следните 50-тина години, ќе биде на иста позиција дека нема Македонци, нема македонски јазик, историја… Доказ се досегашните 150 години, во коишто упорно се држат до своите безумни „принципи“.
Дека е сето ова точно, потврди и нашиот драг „пријател“ Вархеи, кој, според мкд.мк, од 12/10/2022, рече: „Македонија го започна преговарачкиот процес“. Не треба многу акал за да се сфати дека тоа не значи и преговорите. По истата логика, преговарачкиот процес започна уште во далечната 2005 година, кога го добивме кандидатскиот статус.
Чудо е што Фајон му оди на рака на Османи и, свесно или не, и таа ја лаже македонската јавност. Друго објаснување – нема.
Второ, Фајон се осмелува да ни трие сол на глава кога вели – „Треба да се случи промена на Уставот, верувам дека може да се реализира тоа. Посакуваме да дојде до промена на Уставот… без да се доцни“!?
Таа не е од вчера во политиката за да артикулира вакви безмислици. Се однесува како да е дел од коалицијата на власт, а ова е и директно мешање во нашите внатрешни работи и некакво делење инструкции. Во најмала мерка, не ѝ личи. Особено ако некој ѝ спомнал за длабоката поделеност во Македонија околу ова прашање и фактот дека огромен дел од македонскиот народ е против апсурдната промена на Уставот. Впрочем, уцената од Брисел (за жал со наша согласност) да мораме да го менуваме Уставот, ако сакаме да ги започнеме преговорите, нема никаква врска ниту со клучните европски вредности, а уште помалку со копенхашките критериуми, и е тежок срам за Унијата. Зошто Фајон го поддржува тоа? Барем да го критикува, па дури и со залагање да постапиме така.
Трето, таа се согласила со Османи дека – „Македонија може да стане полноправна членка на ЕУ до 2030, доколку се постигне политички консензус“ и додала – „Поддржувам земјата до 2030 да стане полноправна членка, цел што е реална доколку сите државјани бидат на овој пат“. Просто неверојатно. Ако Македонија утре го смени Уставот, преговорите можат да започнат по скринингот, што значи на крајот од 2023 година. Откако Македонија ќе ги заврши преговорите и ќе го потпише договорот, најмалку две години трае неговата ратификација, во сите парламенти на земјите членки. Да ги одвоиме 2029 и 2030 година за таа намена. Значи, за преговори остануваат пет години, 2024 – 2028. Во меѓувреме, Грција и Бугарија дури и да ја напуштат ЕУ, со цел да не ни поставуваат сопки и нивните парламенти да не мораат да го ратификуваат договорот, што Софија нема никогаш да го стори ако останат македонскиот народ и јазик, Македонија нема теоретски услови да стане членка до 2030 година. Овде го игнорираме неспорниот факт дека Унијата нема да се шири во следните 10-тина години, ако не и подолго.
Треба ли да потсетиме дека Црна Гора преговара веќе 11-та година, а Србија преку девет години, и двете се на самиот почеток? Тогаш, како може Македонија да се пресели во Брисел до 2030? На ракетен погон? Ако веќе Османи отворено го лаже народот, која е целта на Фајон? Не е возможно таа да не го знае сето ова. Зошто, сепак, се истрчала? Тоа не ѝ служи на чест ниту неа, ниту на Словенија.
Четврто, Фајон го спомна и македонскиот јазик. Рече дека ќе направат сѐ Македонија да продолжи на патот кон Брисел – „и при тоа да не биде загрозен македонскиот јазик“. Ако е така, што сторија Фајон и Словенија за да се потпише договорот со ФРОНТЕКС, којшто е интерес на Унијата, а чека веќе четири години? Брисел нема никаква основа официјално не го признава македонскиот јазик, со што го игнорира суверенитетот на Македонија и нејзиниот уставен поредок. Тоа е грубо и флагрантно негирање на основачките акти на Унијата како и Повелбата (Уставот) на ООН. И, никому ништо. Бугарското вето воопшто не ја оправдува ЕУ. Тоа е силеџиски однос кон земја која не е членка. Ако бевме дел од Унијата, потегот ќе имаше некаква логика.
Петто, Фајон спомна уште еден неточен факт. Очигледно го цитираше генијалниот Маричиќ, кој не дозволува да се користат термините македонски/а/о, дека – „преку 40 проценти од законодавството на земјава е усогласено со европското“. Заменик шефот на Делегацијата (Амбасадата) на ЕУ во Скопје, Васало, деновиве изјави дека процентот е само 27, што е голема разлика. Впрочем, зошто Фајон се расфрла со такви податоци? Податокот сигурно не ѝ е од Брисел.
Шесто, Фајон е сосема во право кога тврди дека политичкиот консензус во земјата ќе го забрза патувањето кон Брисел. Повикот на Османи, пак, за сплотување на сите политички сили за влез во Унијата, е повеќе од задоцнет како што точно оценува шефот на опозицијата. Османи апелира – „Мора да ги прифатиме директивите на ЕУ, без разлика кој е на власт“. Арно ама, тие директиви се резултат на нивната срамна и понижувачка политика кон македонскиот народ и неговите универзални права и интереси. Откако власта веќе цели пет години потпишува капитулантски и предавнички договори, протоколи, и што не друго, на крајно не транспарентен начин и без никого да консултира, откако насилно го смени Уставот со пратеници извадени од затвор… сега бара сите да застанеме зад неа. Е, па, и да е од Османи, многу е. Мора да му биде јасно дека не сме сите недоветни.
Меѓутоа, тој е, сепак, во право – ако не се постигне целосен консензус за членство во ЕУ, најверојатно е дека тоа нема никогаш да се реализира. Сепак, власта мораше на време да мисли за тоа. Како резултат на нејзините ујдурми и бедотии, тоа е сега невозможно. Баба Ката со право не учеше дека седалото не се прави кога треба да се снесе јајцето, туку порано. Во сегашниот процес на разнебитување на Македонците, доцна е за седало. Само нови избори можат да водат кон излез од ќор-сокакот.