Слични сме како танго и воен брод

Ме потсети на едно славно интервју на двојниот оскаровец, австрискиот актер Кристоф Валц, кој прашан дали Австријците се Германци, со оглед на блискоста на јазиците и историските прилики, Кристоф, во свој стил одговори: „Слични сме како танго и воен брод“. Ете толку се слични и Македонците и Бугарите – како танго со воен брод!

802

Деновиве се актуелизира нешто, што на ниеден начин не би требало да биде актуелно, барем според моите сфаќања на општеството. Имено, изборот на нов митрополит дебарско-кичевски, поттикна расправа околу тоа, дали владиката Партениј бил вистинскиот избор, наместо избраниот отец Георгиј.

И бидејќи „се крена џева“, се заинтересирав за двајцата, па се обидов да најдам по нешто за нив. На мое изненадување, налетав на теза на отецот Партениј дека „македонизмот бил чудовиште кое ги јаде своите деца“.






Нормално, не ги земам здраво за готово сите информации, па се обидов да го најдам интервјуто за да го извадам контекстот во кој е речена таа реченица, и налетав на тврдења на отецот дека „Австријците се сега посебна нација, но потекнуваат од Германци“, алудирајќи на некаква си теза дека „И Македонците денес се Македонци, но некогаш биле Бугари“.

Отец, ѓакон, доктор или чевлар, сеедно ми е, мојот коментар на тоа е: апсурд! Ме потсети на едно славно интервју на двојниот оскаровец, австрискиот актер Кристоф Валц, кој прашан дали Австријците се Германци, со оглед на блискоста на јазиците и историските прилики, Кристоф, во свој стил одговори: „Слични сме како танго и воен брод“. Ете толку се слични и Македонците и Бугарите – како танго со воен брод!

Историјата на Бугарите почнува со едно турко-татарско племе од централноазиските степи, односно од Старобугарите. Во 7. век, предводени од Хан Аспарух, пристигнуваат на Балканот и во 681 година основаат држава северно од Дунав. Биле малубројни, но необично сурови и воено доминантни. Со делумно бричени глави и „коњски опаш“, со јазик од алтајската група, со номадска култура и ритуали како пиење вино од човечки череп – ќе простите, но тоа не е баш словенски начин да се слави победа.

Аристократијата на новооформената држава припаѓа на овој етнички супстрат. Со време, наоѓајќи се меѓу мноштво Словени – а за тоа што мислам под Словени, може да прочитате во мојата колумна Сага за народот во бестрага – Старобугарите  се мешаат со локалните словенски племиња.

И логично, до крајот на деветтиот век, особено по покрстувањето во 864 година под кнез Борис I, асимилацијата е завршена. Се прима словенскиот јазик, зајакнат преку делото на Кирил и Методиј и развиен во Преславската и Охридската школа. Прото–бугарскиот јазик исчезнува, оставајќи траги – колку поисточно кон „Стара Бугарија“, толку појасни траги на јазикот. Културата – исто така мутира кон словенската. Што останува? Само името – „Бугари“, како политичка етикета, залепена врз словенско мнозинство.

Но, знаете, етикетата не е содржина. Дури и генетските истражувања, слабо наоѓаат влијанија од некогашната татарска група. Сепак, наративите во Бугарија се преполни со ханови, воини и копја. И тоа е во ред, секој народ има право на свои историски тотеми. Само, ако веќе решиле дека се Бугари – „чеда на Аспарух“ кои не се Словени – нека не ги редуцираат сите Словени на „Бугари во мирување“. Тоа е како да велиш: „Сите палци се прсти, значи сите прсти се палци“. Не драги комшии, не се сите Словени – Бугари.

Напротив, многу попрецизно е да се каже „Бугарите се Словени“, отколку „Словените се Бугари“. И согласно со овој нивен став, наместо да ја прифатат тракиската компонента во својата етногенеза – која постои и археолошки и лингвистички – повеќето бугарски учени ја премолчуваат, како непожелен роднина на семејна слика.

Можеби некој ќе рече – па добро, тоа е нивен проблем. Не е така. Ова изедначување на сите Словени со Бугари станува и наш проблем, иако, како што е објаснето погоре, тоа е само историска етикета, не е генетски или етнички факт. Нè кочи во прогресот, значи е и наш наметнат проблем колку и да е нелогичен. Дури и смешен.

Се сеќавам на една дамнешна дебата меѓу елоквентниот екс премиер Љубчо Георгиевски и научно прецизниот археолог Паско Кузман. Кога ја распослаа темата, археологот застапи вешта и интересна теза која е на линија на современото македонско гледиште, парафразирано:  „Во ред, дошле тука и Римјани и Бугари, и Словени, и Авари, и Готи… ама никој не нашол празни ливади. Овде континуирано имало народ“. На тоа екс–премиерот со доза на нервоза и сарказам одговори: „Не е точно. Овде нашле празни ливади“. Смешно, но видете – оваа теза како таква постои во неколку верзии на Википедија – односно, за да може „сите да се Словени“, или „Сите да се Бугари“ – просто мора да нашле празни ливади, градови, села и полиња. Пак апсурд! Таков наратив не служи на вистината, туку на желбата таа да се прекрои по нечија замисла.

Сите народи на овој полуостров се родени од мешавини – културни, јазични, крвни. И сите низ вековите се менувале, се прилагодувале, се бореле да останат свои. Тоа не е слабост, туку сила. Да се прифати сложеноста на сопственото потекло не значи да се одрекуваш од идентитетот – напротив, тоа е начин да го зацврстиш. Како што рекол Ѓорѓија Пулевски:  „Добро бре луѓе, зар старите Македонци ги проголтала земјата? Се измешале во масата народ“. Не ги проголтала. Ниту историјата нè избришала. Тука сме. Сме отвориле врата на дојденци. Некогаш мирно, некогаш насилно, но сега е тоа што е – свесно, достоинствено, мирно кажуваме: Ние сме Македонци.

Не „со бугарско потекло“. И не, не сме „чисти ко солза Словени“. Ниту сме 100% од „крвната линија на Александар и Филип“. Сме она што сме: народ со свое име, јазик и свест – обликуван низ векови постоење и подложен на влијанија. Но никогаш изгубен. И за тоа не бараме ни дозвола, ни одобрување. Само почит. Реципрочно ќе возвратиме.

Поврзани содржини