СЛЕДЕТЕ ГО ОНЛАЈН КОНГРЕСОТ ЗА АУТИЗАМ И ЗА АДХД Стручните сознанија ќе бидат достапни за целата јавност

Конгресот, кој ќе се одржи во хотелот „Лимак“ од 13 до 15 ноември, ќе обедини врвни домашни и меѓународни експерти од САД, Русија, Шпанија, Финска, Турција, Велика Британија, Швајцарија, Србија, Хрватска и од Косово, кои ќе придонесат со уникатни сознанија за аутизмот и за АДХД.

96

Фондацијата „Д-р Верица Механџиска“, во соработка со „Зегин“, Здружението на педијатри на Македонија и здружението „Во мојот свет“ објави дека претстојниот Меѓународен конгрес за аутизам и АДХД ќе биде достапен за следење во живо онлајн.

Конгресот, кој ќе се одржи во хотелот „Лимак“ од 13 до 15 ноември, ќе обедини врвни домашни и меѓународни експерти од САД, Русија, Шпанија, Финска, Турција, Велика Британија, Швајцарија, Србија, Хрватска и од Косово, кои ќе придонесат со уникатни сознанија за аутизмот и за АДХД. Со богат тематски распоред, тридневниот настан нуди можност за продлабочување на разбирањето и поттикнување на инклузивна иднина за лицата со овие состојби.






– Конгресот за аутизам и за АДХД е уникатна можност да се слушнат меѓународни експерти и нови истражувања од областа. Токму затоа, поради ограничениот број на посетители и гости, ќе овозможиме конгресот да се следи и онлајн во живо за сите коишто немаат можност да присуствуваат лично, а сакаат да бидат дел од оваа важна дискусија за инклузија и поддршка – велат организаторите.

Оваа одлука има за цел да го отвори конгресот за пошироката јавност, овозможувајќи им на здравствените работници, едукаторите, родителите и поддржувачите да ги слушнат најновите истражувања, пристапи за третман и стратегии за застапување. Конгресот е структуриран на начин што е пристапен за научната јавност, но и за пошироката заедница.

Првите два дена, 13 и 14 ноември, се посветени на научни излагања и дискусии од експертите. Темите ќе опфатат истражувања за промените во функцијата на мозокот кај лицата со аутизам, митохондријалната дисфункција, моторните нарушувања, нарушувањата на сонот, епилепсијата, можностите за рана дијагностика, како и можните пренатални фактори што влијаат врз невроразвојот.

Во програмата на 13 ноември ќе бидат опфатени и темите за поврзаноста помеѓу аутистичниот спектар и бременоста, со фокус на можни фактори што би можеле да влијаат на потомството уште за време на бременоста, како и можноста за проценка на невролошкиот развој на детето уште во пренаталниот период.

Во фокус ќе биде и важноста на раната дијагностика и интервенција по раѓањето на детето, а ќе се отвори и темата за „лажниот“ аутизам, прашање кое предизвикува особено внимание.

Исто така, ќе се истражи и возрасната популација со АДХД, при што ќе се дискутираат начини за дијагностика кај возрасни лица, стигмите со кои тие се соочуваат, како и предизвиците поврзани со оваа состојба.

Вториот ден е посветен на генетиката, на улогата и асоцијацијата на цревниот микробиом, исхраната и нутритивниот статус кај децата со аутистичен спектар со особен акцент на важноста на пробиотиците. Ќе се разгледаат пристапите кон децата со невроразвојно доцнење, за полот и неуродиверзитетот кај АДХД и АСН. Ќе се даде акцент и на младите и адолесцентите, зависноста од интернетот, самоповредувачко однесување и како да се третира, и ќе се разгледа менталното здравје на младите во нашата држава.

Третиот и последен ден од конгресот е наменет специјално за родителите на деца со аутизам и со АДХД. Најпрво ќе се разгледа состојбата со АДХД во Европа, а преку панел дискусии и интерактивни работилници ќе се разгледуваат теми за рана дијагностика и третман кај невроразвојни нарушувања со акцент на АСН и АДХД, за влијанието на раната изложеност на децата на екраните врз говорно-јазичкиот развој и сензорната интеграција, за практичните вежби со деца со АСН. Ќе се понудат нови можности за терапија кај овие лица, но ќе се зборува и за откривање на потенцијалот, т.е. можности за работно ангажирање и професионален успех кај младите со нарушување од спектар на аутизам.

– Нашата цел е да го поттикнеме нашето општество во правец на поголема поддршка и инклузивност за лица со аутизам и со АДХД, со што ќе се отстранат бариерите и ќе се подигне свесноста на овие теми. Овој настан е за нас еден многу сериозен чекор во рамки на пошироката кампања за аутизам и за АДХД и среќни сме што експертските излагања ќе бидат достапни за сите што сакаат да ги слушнат – објаснуваат одговорните лица од Фондацијата „Д-р Верица Механџиска“.

Тридневниот меѓународен конгрес во областа на аутизмот и АДХД ќе може да се проследи преку YouTube канал на следниве линкови за секој ден поединечно

Ден 1    https://youtube.com/live/dREUCAEeyFs?feature=share

Ден 2    https://youtube.com/live/Wkvd1IpZBUM?feature=share

Ден 3    https://youtube.com/live/QpWle6CgzaY?feature=share

 

Поврзани содржини