Славески: Петтиот пакет е заглавен во Собранието поради нестабилното мнозинство на власта
Гледаме дека сепак не сме барем на крајот на пандемијата. А, последиците економски и понатаму ќе бидат доста сериозни - истакна Славески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Вечерва во емисијата „24 Анализа“ гостуваше Трајко Славески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ кој што говореше за петтиот пакет на мерки при што посочи дека е загрижен кога ова ќе се изгласа, оваа точка е закажана дури на 23-ти март и ова јасно говори дека мнозинство на власта воопшто не е стабилно како што велеше Зоран Заев.
– Мојот став за петтиот пакет антикризни мерки е исто како и за претходните четири пакети на кризни мерки. Парламентарната група на ВМРО-ДПМНЕ ги поддржа мерките кои што значат заштита на граѓаните и на претпријатијата, бизнисите во овие времиња кои што не се ни малку лесни. Сега фактот што извршната власт нема адекватна поддршка во Парламентот тоа е за жалење на сите нас, знаете сега нешто што е предадено од страна на Владата како предлог за измени таму на законите уште во средината на февруари, а да се стави на седница дури на 23-ти март, со неизвесност дали ќе се фатат роковите не може воопшто да се стави на товар на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ – истакна Славески.
Славески додаде дека него го загрижува што Парламентот е блокиран и воопшто не функционира поради нестабилното мнозинство на власта.
– И обичните граѓани знаат ако заштедиш по малку на 100 или на 1.000 места тоа се собира. Јас сакам да кажам дека не почувствувавме дека има некој тенденција, дека има некоја определба за штедење во услови нели кога имаме зголемени трошоци кои што произлегуваат од здравствената криза за заштита на здравјето на граѓаните, и кога мораме поради тоа да позајмуваме средства кои за некоја година ќе ги враќаме со многу поголема камата – рече Славески.
Toj посочи дека она што власта сега го позајмува со камата од 1 и нешто процент утре граѓаните ќе го враќаат со камата од 5-6%.
– Во моментов кога Парламентот имаше мнозинство да изгласа таму доверба на Владата, и нашите пратеници кажаа дека тогаш можело и на таа седница кога имале 62 пратеника да ја поминат таа прва фаза па сега немаше да чекаме на Комисиите. Ние сега чекаме на 23-ти март да се констатира потребата од донесување на Закон па потоа да оди на собраниска процедура – рече Славески.
Славески додаде дека една работа загрижува тоа што Владата кажа дека овој пакет на мерки што треба да иде последен во однос на субвенциите на плати, значи дека дава сигнал дека толку се можностите на власта.
– А, гледаме дека сепак не сме барем на крајот на пандемијата. А, последиците економски и понатаму ќе бидат доста сериозни – истакна Славески.
Славески осврнувајќи се на темата попис посочи дека најдобро е пописот да се одложи за кога состојбата ќе биде многу постабилна.