Славјано, Славјанке

Си замислувам како течеле заврзламите: „Еј, се лутат Бугариве, ај да пробаме да не ја интонираме химната во Лондон, а ти облечи го она зеленоно за да привлечеш внимание и можеби нема да приметат нашиве“. Или, пак, вака: „Дај да им речеме на Енглезине да научат некоја македонска народна песна, да го фатиме народов на емоција и никому нема да му текне за Гоце Делчев, Питу Гули, Сандански“...

7,376

„Уште еднаш не сакам да слушнам лош збор за нашата министерка Славјанка Петровска“. Овој твит од некојси ботовски профил синоќа стана вирален, откако воениот оркестар на Обединетото Кралство ја пречека министерката во Лондон со песната „Јовано, Јованке“, а таквиот гест, очигледно, за нашиве претставуваше огромен успех.

На тој твит, пак, се изнаредија други твитови, коментари и ретвитови од разноразни други ботовски профили, кои го делеа истото воодушевување од типот: „Браво! Англичаните покажаа дека нѐ ценат и дека нѐ почитуваат“, „Министерке Славјанка, најдобра си и единствена“, „Веднаш се гледа разлика дека сме членка на НАТО“, и други слични ситни „појела-ме-туџа-срамота“ борании.






Ги читаш и се чудиш. Не можеш да поверуваш дека и покрај тоа што се анонимни, сепак, на крајот на краиштата, се работи за луѓе од крв и од месо, за наши сограѓани, можеби и колеги, можеби и комшии, братучеди, познаници… И те фаќа жал. Ти доаѓа дури и да им лајкнеш и да им шернеш.

Но од друга страна, стануваш свесен за тоа дека пропагандната машинерија е пуштена на најјако и веќе сериозно почнуваш да се сомневаш дека интонирањето на „Јовано, Јованке“ за време на официјален пречек на македонски министер за одбрана во Лондон, не е нималку случајно.

Стануваш параноичен. Почнуваш да се прашуваш дали можеби некој има проблем со изведувањето на македонската химна? Или, пак, ова беше само за да се опипа пулсот на Македонецот при евентуално целосно игнорирање на химната во иднина?

Си замислуваш како можеби течеле заврзламите: „Еј, се лутат Бугариве, ај да пробаме да не ја интонираме химната во Лондон, а ти облечи го она зеленоно за да привлечеш внимание и можеби нема да приметат нашиве“. Или, пак, вака: „Дај да им речеме на Енглезине да научат некоја македонска народна песна, да го фатиме народов на емоција и никому нема да му текне за Гоце Делчев, Питу Гули, Сандански“…

Но, можно е и да грешам. Можно е да се работи и за чиста случајност, за недоразбирање и да не постоеле баш никакви заврзлами. Во таков случај, пак, многу пофраерски ќе беше Славјанка учтиво да им се заблагодареше на Енглезите за вниманието, да им објаснеше дека „Јовано, Јованке“ е убава песна, но да им потенцираше дека нашата химна е „Денес над Македонија“ и да побараше нејзино интонирање.

Оти, протокол си е протокол. Глупо би било германскиот канцелар, на пример, некогаш да го пречекаме во Скопје со песна од Рамштајн.

Фото: МИА
Поврзани содржини