СКРИЕНО ОРУЖЈЕ ВО ГОСТИВАРСКО Пронајдени буриња со муниција, гранати и мини
Работници при ископ со багер наишле на две буриња полни со експлозивни средства, полицијата го обезбеди местото и започна истрага.
Голема количина боева муниција, рачни гранати и мини е пронајдена во гостиварскиот регион, откако работници ангажирани на ископ со багер наидоа на сомнителни буриња покрај локален пат меѓу селата Митрови Крсти и Симница.
Случајот бил пријавен вчера попладне во СВР Тетово. Како што информира портпаролот на СВР Тетово, Фатмир Реџепи, за време на работни активности на терен, вработени во фирмата што вршела ископ пронашле две пластични буриња наполнети со куршуми, рамки за автоматско оружје, мини и други експлозивни средства.
По пријавата, полицијата веднаш го обезбедила местото, а специјализирани служби започнале со активности за безбедно отстранување на пронајдените средства и целосно расчистување на случајот.
Од СВР Тетово најавуваат дека се преземаат мерки за утврдување на потеклото на оружјето и муницијата, како и за откривање на лицата кои стојат зад нивното складирање.