🎥 📷 СКОПСКИ ПОЖАРНИКАРИ СО КОНВОЈ ЗАМИНАА КОН ГОЛЕМИОТ ПОЖАР ВО МАРИОВСКО За прв пат ова лето се ангажирани и војници

Директорот на ДЗС Стојанче Ангелов попладнево изјави дека успешно е спречено пожарот да го зафати прилепското село Крушеица, но огнот се префрла кон Битолско.

6

Конвој на Противпожарната бригада на Град Скопје се упати кон Мариово, во помош при гаснењето на еден од најголемите пожари во моментов, на барање на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов.

Првпат летово превентивно во гаснењето на пожарите, во случајов во Мариовско, се ангажирани и триесетина војници.






„Кога гори македонска земја, нема граници. Има само една обврска – да бидеме заедно, да си помогнеме и да го заштитиме секој човечки живот, секој дом и секоја педа од нашата татковина. Овие луѓе одат директно пред огнената стихија, со храброст и со една цел да спасат животи, домови, шуми и цели села. Нивната униформа е симбол на пожртвуваност. Нивната храброст е гордост за Скопје и за цела Македонија“, напиша  градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски на Фејсбук.

Директорот на ДЗС Стојанче Ангелов попладнево изјави дека успешно е спречено пожарот да го зафати прилепското село Крушеица. За гаснење на пожарот во Мариовско е побарана помош од скопската противпожарна бригада, таму се пожарникари од Неготино и за првпат ова лето превентивно се ангажирани и триесетина војници чија што задача ќе биде доколку огнот се приближи до селото да помогнат на локалното население кое е малубројно.

– Карактеристично за овој пожар е тоа што е упатен кон битолската страна, кон селото Орле. Значи од другата страна на планината. Таму цел ден работат машини. Се прават противпожарни пресеки коишто нема да му дозволат на огнот да помине, но истовремено таму имаме и доволен број на пожарникари од Битола. Се работи за голем пожар. Цел ден денеска работевме на него со полицискиот хелихоптер. Наместивме и базен во непосредна близина. Работевме и со „ер тракторите. За жал, резултаите се слаби бидејќи ние на едно место гасиме тој на друго место се пали – рече Ангелов.

За пожарот во Рамни Габер, Општина Студеничани Ангелов рече дека навлегува кон Китка. Не загрозува  населени места, но теренот е екстремно стрмен и тежок и не можат да се движат возила.

Третиот пожар, за кој Ангелов  рече дека претставува предизвик е во Македонски Брод над Драговдол.

Од Центарот за управување со кризи вечерва информираа дека скопските пожарникари активно интервенира за гаснење на пожарот во селата во Општина Студеничани, а во гаснењето на пожарот се ангажирани и три авиони на ДЗС.

Директорот на ЦУК, Мухамед Али заедно со противпожарните екипи на терен, ја следи состојбата и координацијата на активностите, со цел навремено да се реагира и да се спречи понатамошното ширење на пожарот.

Во моментов нема опасност за ниту едно населено место.

„Екипите ќе останат на терен и во текот на целата ноќ, а состојбата ќе се следи континуирано“, информира ЦУК.

Поврзани содржини