Скопска неморална игранка
„Госпожата“ Урсула ни отпеа крајно дегутантна арија на неморалната журка со власта во Скопје. Не верувам дека кој и да е македонски граѓанин очекуваше такво нешто. Иако сето тоа е само продолжеток, нова рунда – или чин – во неморалната приказна помеѓу Македонија и ЕУ. Зашто, очигледно е веќе: на тие политичари одамна не им е важно со какви криминалци соработуваат, на каков неморален начин ги постигнуваат посакуваните цели, со какви методи, притисоци и уцени се служат.
Ако навистина досега не можевме да си ја објасниме неверојатната тврдоглавост (како најблаг збор) на македонскава актуелна политикантска елита, нивната епохална тесноумност и кусогледост, ако мислевме дека нивното вкупно однесување е само уште еден провинциски излив на глупост, изгледа дека грешевме. Ако мислевме дека тие во тоа се осамени, дека т.н. меѓународна заедница (барем според холандскиот амбасадор и амбасадорот на ЕУ кај нас!) сепак не е толку безумна да прифаќа такви типови како претставници на еден народ – многу грешевме.
Ако пак мислевме дека и оние „мисловни“ акробации на премиерот дека „Ние сме држава што во моментот е најдобра во регионот и секако дека и Европската Унија (…) сака да ја види земјата како дел од ЕУ оти оној што е најдобар треба и прв да влезе“ се само уште еден малолетен лажлив блеф за домашната јавност, и тука многу сме се излажале.
Во тоа конечно нѐ убеди (и) последнава летечка посета на „госпожа“ Урсула, очигледно дојдена со намера да инсценира некаков завршен чин, или епилог, во фарсата викана Македонија и ЕУ. Зашто, очигледно, нашиве коруптивно криминални структури на челото на државата имаат одличен ментор во претседателката на Европската комисија, секогаш подготвена да ги „изгланца“, па и занемари нивните веќе страотни неспособност и некапацитетност.
Овој нејзин во основа безобразен „перформанс“ во Скопје дефинитивно ни потврдува дека оваа локална банда никогаш не била осамена, напротив: дека меѓународната поддршка на нивните криминали е основниот spiritus movens на целата оваа „евроинтегративна“ ујдурма.
И дека оттаму доаѓа и последнава, најновава заедничка неморална игранка на двете здружени страни, во којашто веќе не знаете што е лицето а што опачината на политиката. Зашто, кога ја слушате фамозната тетка Урсула како преде дека Северна Македонија направила многу на патот кон ЕУ и заслужува членство, или дека „Прогресот кој го правите со детерминацијата да продолжите по европски пат е за восхит”…, не можете да не добиете болки во главата и нагон за повраќање. Такви лаги речиси никој не изрекол во Скопје во изминативе три децении.
Дали токму од нив произлегува и онаа смела лажливост на премиерот и неговите министри за Македонија „најдобра во регионот“, за нашето лидерство, за нашиот прогрес…?
Сигурно, зашто „нашиве“ провинциски политиканти не би се осмелиле да изречат нешто такво ако немаат поддршка од странство. Но, кога претседателката на Европската комисија им вели дека „неверојатно е навистина она што Северна Македонија досега го има постигнато и затоа навистина посакувам (…) да продолжи да се движи напред со решителност, со страст, со големи успеси на пристапниот пат“, тогаш и нивниот криминален дух се вознесува, добива крилја за нови идни потфати.
Иако, за македонската јавност „госпожа“ Урсула не објасни на кои точно постигнувања мисли? На фактот дека Македонија е лидер во регионот на проневера на пари од европските фондови? Дури и пред една Србија, која е четири пати поголема од нас? Или мисли на последните измени на Кривичниот законик – критикуван токму сега од нејзиниот еврокомесар за правда! – којшто им овозможува уште поголеми злоупотреби и криминали? Или мисли на криминалот на векот викан „историски коридори“?
Или таа се надева дека ќе ја „купи“ македонската јавност со оние фолоскули за јазикот и идентитетот, па ние ќе заборавиме дека ја навредува нашата интелигенција и ќе ѝ прогледаме низ прсти? И има ли воопшто некаква координација во тоа лажливо „семејство“ викано ЕУ бидејќи токму нејзиниот амбасадор во земјава секојдневно ја критикува власта и искажува дијаметрално спротивни оценки за нејзиното работење од неговата шефица? И слушнала ли „госпожа“ Урсула што им говореше холандскиот амбасадор на овие од власта и со какви имиња ги нарече?
Или, си ги чита ли пред да ги потпише лажливата „госпожа“ Урсула годишните извештаи за Македонија? Каде во нив стојат овие епски бајковити описи за „постигнувањата“ на оваа власт, за нејзиниот восхитувачки од кон Унијата и големите успеси во земјата?
Да, кај нив има решителност (како што вели претседателката), има дури и страст, но за сосема друг вид подземни, мафијашки активности, а не за прифаќањето на европските вредности! И точно е: земјата брзо напредува посебно во изминативе неколку години, како што вели таа, но во криминалот и корупцијата, во економското упропастување на земјата и народот, во иселувањето на младите, во распадот на здравствениот систем, образованието, културата…!
Ако, како што вели оваа „мадам Минхаузен“, оваа власт „носи одлучни политики“, зарем земјата немаше да биде во постојан пад на сите полиња, зарем ќе имаше вакво кривосудство, неписмена администрација, медицинска сестра за директорка на главниот аеродром, хирург за министер за надворешни работи, математичарка за вицепремиер за криминално владеење, архитект за амбасадор…?
И зарем ќе имаше 150 илјадна полуписмена администрација? И зарем комплетното отстапување од реформскиот пат во државата не е и отстапување од евроинтеграциите на Северна Македонија?
Но, скопската неморална журка покажа и дека Унијата апсолутно не се грижи за македонската јавност, за мислењето на народот, за политичката опозиција… Нејзиниот сон за уставните измени создава копрена пред очите на нејзините политичари, заборавајќи дека нивните лажливи и аморални изјави, па нека се и од устата на „госпожата“ претседателка, се навредливи за македонскиот народ.
Зашто, ако од неа, или од нив, слушаме црцорење за восхит од некакви успеси и политики, а македонската реалност жестоко нѐ удира в лице со сите секојдневни стравотии, тогаш што можеме да мислиме за неа/нив? Дека нивните лаги се сепак само политичка игра? Но таа нас нѐ чини прескапо бидејќи уште повеќе ги осоколува локалниве бандити. Или дека ние не гледаме како живееме па тие доаѓаат да ни кажат колку ни е добро со криминалциве?
И зошто ние не би се посомневале во нивните добри намери, во нивните познавања на вистинските состојби во државава, па богами и во нивната објективност, но и разум и здрава свест? Или и тие сакаат да ни ја наметнат приказната на власта и на оние провладини политикантски прокуратор(к)и дека геополитиката е дивина од ужаси, отворено бојно поле каде поголемиот и посилниот го толчи помалиот и послабиот, каде нема закони, принципи и правила на однесување, особено овде, во регионот на „Дивиот Исток“ и во оваа Недојдија?
И мислат дека со тоа ќе ја смента нашата перцепција за оваа власт, за нејзините одвратно силеџиски и крајно простачки манири, за нејзините криминали и лично богатење, па и ние ќе ги прифатиме како – успешни. Такво „успешно“, веројатно, би било и она посакувано битпазарско обезбедување на внесувањето на бугарското малцинство во Уставот, па криминалното менување на историјата во учебниците, „реставрацијата“ на спомениците, предавањето на архивите итн.!?
„Госпожата“ Урсула ни отпеа крајно дегутантна арија на неморалната журка со власта во Скопје. Не верувам дека кој и да е македонски граѓанин очекуваше такво нешто. Иако сето тоа е само продолжеток, нова рунда – или чин – во неморалната приказна помеѓу Македонија и ЕУ. Зашто, очигледно е веќе: на тие политичари одамна не им е важно со какви криминалци соработуваат, на каков неморален начин ги постигнуваат посакуваните цели, со какви методи, притисоци и уцени се служат.
Ако тие поддржуваат, дури и поттикнуваат, криминал и корупција и ги прогласуваат за успешни политики, ако поддржуваат уценување на пратеници, кримогени договори со осудени и неосудени (или избегани) криминалци и сиот останат пробисвет во земјава само за да ги реализират сопствените намери, тогаш нешто не е труло само во оваа tera nullius туку и во „семејството“ кон кое ние така здушно сме запнале да се вброиме.
Затоа, можеби, и не треба да се чудиме што зборот морал, па и култура, исчезнаа од политичкиот вокабулар во Македонија?!
Извор: Теодосиевски уметност