СКОПЈЕ ТРОШИ ВОДА КАКО НИКОГАШ ДОСЕГА, 350.000 МЕТРИ КУБНИ ДНЕВНО Користете ја водата разумно, ја има сѐ помалку, апелираат од „Водовод и канализација“

Поради зголемената потрошувачка, водоводниот систем на Скопје функционира со ослабен притисок, а на некои места се јавуваат и повремени прекини во снабдувањето со вода. Од ЈП „Водовод и канализација“ предупредуваат дека дивите приклучоци нанесуваат значителна штета на мрежата и негативно влијаат врз квалитетот на водата што ја добиваат сите граѓани во Скопје.

416

ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје соопшти дека и вчера повторно е забележана енормно зголемена и неконтролирана потрошувачка на вода, која достигнува околу 350.000 кубни метри дневно.

Поради ваквата состојба, градскиот водоводен систем работи со намален притисок, а на одредени локации има и повремени прекини во водоснабдувањето.






Имајќи предвид дека градот Скопје се снабдува со вода за пиење од природен извор со ограничен капацитет и со огромна вредност, од претпријатието упатуваат апел до сите граѓани за рационално и за одговорно користење на водата. Особено се нагласува потребата да се избегнува нејзино непотребно трошење за наводнување бавчи, зеленило и ниви, миење автомобили, полнење базени и за слични намени.

ЈП „Водовод и канализација“ апелира и до органите на локалната самоуправа да се вклучат во подигање на јавната свест преку своите служби и преку Месните заедници на територијата на општините, со цел да се поттикне рационално користење на водата.

Дополнително, се повикуваат граѓаните кои ќе забележат див приклучок на водоводната мрежа, истиот да го пријават на телефонскиот број 02 3073 010, преку е-пошта на [email protected] или на веб-страницата www.vodovod-skopje.com.mk.

Од претпријатието посочуваат дека дивите приклучоци сериозно го оштетуваат системот за водоснабдување и го загрозуваат квалитетот на водата за сите корисници во Скопје.

Поврзани содржини