СКОПЈЕ СЕ ТРУЕ СО 600 ТОНИ СТОПЕНИ АКУМУЛАТОРСКИ БАТЕРИИ Детектиран опасен отпад во близина на село Орман
Се работи за отпад кој според класификацијата спаѓа во класата на опасен отпад - информираат од Државниот инспекторат за животна средина.
Во близина на селото Орман лоцирано е одлагање згура од преработка на акумулаторски батерии во близина на село Орман, во количина од проценети околу 500 до 600 тони. Опасниот отпад во околината на Скопје е детектиран при редовна обиколка на територијата на Општина Ѓорче Петров од oвластен инспектор за животна средина при Општина Ѓорче Петров,
Како што е објавено на фејсбук страната на Државниот инспекторат за животна средина отпадот бил лоциран минатата недела.
– Според затекнатата состојба на теренот, а според Листата на видови на отпад (Сл.Весник на РМ бр.100/2005) се работи за отпад со шифра 10 04 – Отпад од пирометалургија на олово,10 04 01*- троски од примарно и секундарно производство, кој според класификацијата спаѓа во класата на опасен отпад – информираат од Инспекторатот.
Оттаму посочуваат дека според затекнатата состојба на теренот и проценка за ризикот, овластениот инспектор за животна средина по службена должност започнал инспекциска постапка и при тоа издал решение со кое им се наредува на сопствениците на земјиштето дислокација на опасниот отпад од катастарските парцели во село Орман на локација соодветна за тоа, во рок од 30 дена од денот на приемот на решението.