СКОПЈЕ НЕМА ДА БИДЕ ТАЖЕН ГРАД Арсовска вели дека бесцелно е да се трошат 250.000 евра, а да немаме струја
Новата градоначалничка на Скопје соопшти дека има идеи како да го реализира проектот „бесплатен јавен превоз“, но детаљите ќе ги соопшти откако ќе се направат анализи на ЈСП, за да се види како од загубар тоа да стане рентабилно.
Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, на денешниот брифинг со новинарите, рече дека се надева дека со фирмата „Линк медиа плус“ спогодбено ќе се раскине договорот за новогодишно украсување. Таа додаде дека е неприфатливо да се дадат околу 240.000 евра за новогодишно украсување на градот, а притоа да се најавува дека ќе има можни рестрикции на струјата и со тоа да нема светло на улиците.
– Неприфатливо Градот е секоја година да плаќа 240.000 евра за новогодишно украсување. Сметам дека тоа може да се постигне со помалку пари, како што претходно чинело и по 80.000 евра, а може и за многу помалку. Кој вели дека градот ќе биде тажен затоа што нема да има такво новогодишно украсување? Мислам дека нема потреба да се дадат толку пари, затоа што како ќе светат светилките кога ќе нема струја? Јас се надевам дека фирмата со која е склучен договорот ќе биде општествено одговорна и ќе има разбирање да се раскине договорот – објасни Арсовска.
На прашањето дали раскинувањето на договорот ќе предизвика одредени финансиски импликации за Градот, Арсовска одговори дека постојат правни постапки коишто некој субјект може да ги покрене без оглед дали е во право. Таа додава дека од компанијата одбиваат да ја испочитуваат правната постапка и официјално да ја примат одлуката за раскинување на договорот.
– Иако сите во Скопје и во Македонија знаат дека договорот е раскинат, компанијата одбива правно да биде информирана. Ние немаме огласна табла за да ја објавиме таа одлука, доколку тие го избегнуваат приемот. Ние сме отворени за средба и разговор со фирмата за да се реши проблемот, но понатамошните дејствија ќе зависат од тоа дали од компанијата ќе сакаат да одат спротивно на желбите на граѓаните – вели градоначалничката.
Инаку, за потсетување, договорот за новогодишно украсување беше склучен од претходниот градоначалник Петре Шилегов со фирмата „Линк медиа плус“ и тежи 240.000 евра.
Арсовска нагласи дека во Скопје нема да го има Шилеговиот Брз јавен транспорт, туку нови автобуси и бесплатен јавен превоз.
– Да го сакаа скопјани БРТ, ќе го гласаа кандидатот кој тоа им го вети. Но, гласајќи ме мене, тие покажаа дека сакаат бесплатен превоз и нови автобуси. Затоа јас ќе се фокусирам на проектите кои им ги ветив на граѓаните, а за кои добив гласови на изборите – нагласи таа.
На прашањето како ќе го изведе бесплатниот јавен превоз, таа изјави дека има план за реализација, но сѐ уште е многу рано да се изнесат деталите во јавност.
– На сите ни е познато дека ЈСП е загубар. Во периодот кој следува ќе се направат анализи кои ќе покажат на кој начин ќе го направиме претпријатието рентабилно. Тоа не мора да значи дека мора да биде од продажба на билети, има и други начини, јас имам идеи како да го изведам тоа. Од друга страна, морам да кажам дека не само во ЈСП, недомаќински се работело и во останатите јавни претпријатија. А ако еден човек со години недомаќински работел, не може да очекуваме одеднаш да стане одговорен. Затоа ќе размислам дали ќе има разрешувања од раководни позиции – објасни таа и додаде дека секој проект што е во интерес на граѓаните, а нема индикации дека се работело нечесно, ќе продолжи да се реализира.
Градоначалничката информираше рече дека ангажирала тим со кој покренала постапка за тужба поради клевета дека има бугарско државјанство, како што најави за време на изборната кампања.
– Покрената е постапка, но јас сепак сакам да останам како градоначалничка што обединува, а не како некој што ги двои луѓето. Тука ќе работам со советници и со администрација од различни партии, затоа сакам да бидам коректна кон сите – нагласи Арсовска.
На денешниот брифинг Арсовска потенцираше дека уште на самиот почеток кажала дека оваа работа за неа нема да има никаков допир со политиката, а и дека ниту сака да има. Нејзина посветеност ќе биде институцијата Град Скопје да се департизира.
– Секој човек којшто е професионалец и којшто ќе си ја извршува работата како што треба, ќе си го добие заслуженото место – брифираше градоначалничката.
Таа соопшти дека се откажала од функциите претседател на Ссојузот на стопански комори на Македонија и почесен конзул на Унгарија.