Се запалил автомобил во движење, на патниот правец Дебар-Струга, вчера попладне од сеуште непознати причини на дванаесеттина километри од Дебар, но за среќа нема повредени, информира охридската полиција.
– Вчера околу 13 часот, на патот Дебар-Струга, во близина на дебарското село Отишани, опожарен е патнички автомобил „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки управуван од С.И.(47) од Скопје. Пожарот се појавил во текот на управување, во предниот дел на возилото по што возачот веднаш го сопрел возилот и со сопатникот М.Р.(29) од Скопје, го напуштиле автомобилот кој, набрзо целосно изгорел – изјави за МИА,Стефан Димоски,портпарол на Секторот за внатрешни работи од Охрид.
Според очевидци голема среќа е што двете лица од возилото излегле навреме, со што е избегната голема трагедија.
– Дојдовме на помош и гасневме со противпожарни апарати, но пожарот наеднаш го зафати целото возило. За рекордно кусо време пристигна и возило на Територијалната противпожарната единца од Дебар, но возилото целосно е уништено – вели очевидец.
Од Општата болница во Дебар, потврдуваат дека по добиен телефонски повик екипа на итна медицинска помош била испратена на местото на несреќата. Двете лица биле префрлени во болницата, немале повреди само претпрен голем шок. По дадената потребна лекарска помош и престој во болницата од неколку часа се пуштени дома.