ЗОШТО ГИ СНЕМУВА ПРИВАТНИТЕ АВТОБУСИ? Граѓаните извисени, не знаат што се случува со превозот
Од Градот Скопје не се изјаснија во врска со застојот во превозот, ниту дали договорот со приватните превозници е продолжен, или тие деновиве возат на диво. Градот нема објавено нов повик за склучување договори со приватните превозници.
Голем број скопјани од вчера останаа без превоз откако дел од приватните автобуси беа повлечени од сообраќај. Се претпоставува дека причината за тоа се нередовни исплати од ЈСП Скопје и истечени договори кои беа склучени во 2023 година. Вчера ги немаше автобусите со број 23 и 45, а граѓаните беа останати зачудени на постојките незнаејќи што се случува со превозот. Претходно немаше никакви најави за прекин во превозот на некои линии или за проретчување на автобусите.
– Чекам 23-ка веќе 40 минути. Веќе стана многу топло, а автобус нема – вели скопјанка која чекаше на автобуската постојка кај Железничка станица.
Никој од засегнатите првозници и од Градот не кажува што точно се случува. Некои сопственици на приватни автобуси тврдат дека ЈСП доцни со исплатите. Еден од нив тврди дека за еден месец од минатата година не му биле ни признати извозените километри.
– Имам еден месец извозено од лани што не ми го признаваат. Ми велат – „системот не те евидентирал и нема пари“. Како да работам така? За секој ден на терен ми требаат околу 300 евра – гориво, возач, амортизација… Сето тоа го покривам од сопствен џеб, а ЈСП не ми плаќа навремено – вели сопственик на приватен автобус.
Според приватни превозници, проблемот се влошил откако договорите склучени пред две години им истекле, а нови немаат потпишано. Од Градот Скопје не се изјаснија во врска со застојот во превозот, ниту дали договорот со приватните превозници е продолжен, или тие деновиве возат на диво. Градот нема објавено нов повик за склучување договори со приватните превозници.
Додека не се реши проблемот со приватните превозници, граѓаните повторно се ставени во состојба да чекаат долго автобус кој воопшто нема да дојде.
Ниту еден претставник на приватните превозници деновиве не излезе да каже што се случува. Јовица Зафировски, кој досега честопати беше гласноговорник на барањата на приватниците, денеска не одговори на повиците од Плусинфо.
На крајот на мај истече двегодишниот договор кој во 2023 година го потпиша Градот со групацијата од три приватни превозници – „Јофи Бус“, „Вестор транс“ и „Радос компани“. До денес, ниту од Градот, ниту од ЈСП нема ниту потврда ниту демант: дали договорот е продолжен или не, дали има нов договор или повторно скопјани ќе се соочат со редуцирани линии.
Пред две години, градоначалничката Данела Арсовска ги прекина договорите со „Слобода превоз“ и „Макекспрес“, обвинувајќи ги за непочитување на договорни обврски. По неколку месеци на преговори и неуспешни јавни огласи, беше склучен нов договор со три приватни превозници и автобусите повторно се вратија на улиците.
Според законската регулатива, приватен превозник нема право да врши јавен превоз доколку нема валиден договор со локалната самоуправа или со Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП). Доколку, и покрај тоа, автобусите на приватните компании продолжат со работа, тие се изложуваат на санкции од страна на сообраќајната инспекција и полицијата.