СКОПЈАНИ ОСТАВЕНИ НА ЖЕШКИОТ АСФАЛТ БЕЗ ПРЕВОЗ 20 автобуси на ЈСП повлечени поради дефект
ЈСП работи според возниот ред од 2012 година, кога во оптек биле 350 автобуси, а сега претпријатието располага со вкупно 200. Од нив на 27 автобуси им била расипана климатизацијата, а до денес таа е поправена кај 12, а 15 возат без клима во најжешките денови.
Скопјани цело лето мака мачат со градскиот превоз и со проблемите што веќе подолго време ги влече ЈСП Скопје. Покрај недоволниот број на автобуси што сообраќаат на градските и на приградските линии во главниот град, и тие што се во оптек често се расипуваат.
В.д. директорот на ЈСП Драги Кушовски за Телма открива дека се повлечени дури 20 автобуси од скопските улици поради тоа што имаат различни дефекти што е речиси 10% од возниот парк на ЈСП.
– Проблемот е во тоа што во моментов имаме недостаток од 20 и нешто возила, за да можеме да ги опслужиме линиите кои што се по летен возен ред. Тие се дефектни возила кои што не може да се пуштат во сообраќај – вели Кушовски.
Тој додава дека ЈСП работи според возниот ред од 2012 година, кога во оптек биле 350 автобуси, а сега претпријатието располага со вкупно 200. Од нив на 27 автобуси им била расипана климатизацијата, а до денес таа е поправена кај 12. Со цел да се одговори на потребите на граѓаните, сообраќаат 15 автобуси на кои допрва ќе им се поправаат клима уредите, вели в.д. директорот на ЈСП.
– Може да се случи да има возила од тие 15 што се без клима уред, пуштени во сообраќај – вели Кушовски.
Поради долгови кои што ги има ЈСП споро се одвива и набавката на резервни делови. Директорот потврди дека ЈСП има помал долг кон трите компании на приватни превозници кои поради тоа периодов возат редуцирано. Но, Кушовски демантира дека сумата е 140 милиони денари, како што велат превозниците.