📽 📷 📊 ПАРКИРАЊЕТО ВО СКОПЈЕ ЏАБЕ, АМА МЕСТА НЕМА Што стана со новите катни гаражи и монтажни паркинзи што ни ги вети Данела Арсовска?

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска во својата програма „За модерно Скопје“ најави дека по моделот на јавно-приватно партнерство, ќе се изградат нови катни гаражи кај Чаирчанка, амбулантата во Чаир, Топанско поле, во Центар, монтажни паркинзи во Аеродром, Кисела Вода и на други локации.

2,157

Од година в година расте бројот на возила по скопските улици, а со тоа и недостигот од паркинг места. Скопјани, но и жителите на другите градови од кои доаѓаат во главниот град, мака мачат да најдат слободно паркинг место.

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, во својата програма „За модерно Скопје“, најави дека по моделот на јавно-приватно партнерство, ќе се изградат нови катни гаражи кај Чаирчанка, кај амбулантата во Чаир, во Топанско поле, во Центар, како и монтажни паркинзи во Аеродром, во Кисела Вода и на други локации.






Веќе две години Арсовска е градоначалничка на Град Скопје, но на ниту една од споменатите локации не се градат ниту катни гаражи ниту монтажни паркинзи. Таа најави и намалување на цената на паркирање за 25% на сите градски паркинзи, но тоа се случи само кај зонското паркирање.

Ранлива институционална инфраструктура

Поранешниот градоначалник на Скопје, Трифун Костовски не може да разбере како може човек да даде ветување, дека ќе го стори ова или она, а да нема увид во ситуацијата – каква е финансиската состојба, какви се финансиските приходи, каква е кадровската состојба во јавно претпријатие, па и во градската администрација и дали има луѓе коишто ќе може да ги реализираат проектите.

– Проблемот со паркирање е присутен во сите големи градови, но тоа сепак не е најголемиот проблем на Скопје. Според мене, најважна е институционалната инфраструктура, но и тоа дали има простор да се реализираат таквите проекти. Јавните претпријатија се „рацете“ и „нозете“ на Данела Арсовска. Тие мора да бидат силни, вработените да бидат задоволни, а не преку синдикатите да бараат плати и да штрајкуваат. Мора да се најде начин вработениот не само да се награди, туку и да се стимулира да биде уште подобар. Градоначалничката мора да се потруди на сите вработени во јавните претпријатија да им обезбеди плати ден пред датумот, за тие да бидат задоволни и да ги придобие на своја страна – вели Костовски за Плусинфо.

 Тој додава дека најосновна работа на градоначалничката Арсовска е да воспостави комуникација со Советот, бидејќи не може таа да води војна со советниците од речиси самиот почеток на нејзиното поставување.

– Војната никаде не носи единство, бидејќи на крајот страдаат граѓаните. Нема политика кога станува збор за граѓаните, мора да постои консензус. Комуникацијата меѓу градоначалникот и Советот е врвен проект за секој градоначалник и затоа треба да воспостави мост на комуникација со советниците и тие да бидат паралелно вклучени во секој проект. Тоа е единствениот услов кој ќе доведе до реализација на многу работи кои се ветени. Меѓу другите и на проектите со паркинзите – вели Костовски.

Поранешниот главен архитект на град Скопје, Никола Велковски, вели дека покрај сите институционални проблеми и кризата во одлучување во Град Скопје, мора да се направат нови паркиралишта, бидејќи градот расте и има потреба возилата да се паркираат.

– Треба да се градат паркиралишта. Дали тоа ќе го сторат „Градски паркинг“ или општините, тоа е друго прашање. Паркинзи се потребни се во Малиот и во Големиот ринг, каде што треба да се пронајдат урбанистички локации токму за катни гаражи, дел под земја, дел над земја – објаснува Велковски.

Кај нас проблемот е посложен и не зависи само од желбата на градските власти и на јавните претпријатија. Урбанистите и сопствениците на земјиштата инсистираат да градат згради и да добијат што повеќе станбен простор, без при тоа да се мисли на јавниот интерес.

– Ние во моментов речиси немаме површини за објекти од јавен интерес. Немаме ниту за игралиште, ниту за парк, а камоли за паркинзи. Имаме делови од градот каков што е стар Аеродром, на пример, каде што се изградени нови згради, а место за паркирање речиси и да нема – додава Велковски.

Скопје има евтин паркинг, па што?!

ИЗРАБОТКА: ПЛУСИНФО

СО КОЛКУ ПАРКИНГ МЕСТА РАСПОЛАГА ЈАВНОТО ПРЕТПРИЈАТИЕ?  ЈП „Градски паркинг“ стопанисува со јавни површини наменети за паркирање – зонско, јавни паркиралишта (паркиралишта со рампа) и катни гаражи на територија на Град Скопје. Зоните, согласно со локацијата и нивната оддалеченост од централното градско подрачје, се поделени на: А0, А, Б, Ц и Д, во чиј состав има 34 подзони. Претпријатието стопанисува и со 6.686 паркинг места на улиците, со 10 јавни паркиралишта со 1.986 паркинг места и со 2 катни гаражи со 1.050 паркинг места.

За изградба на нови паркинзи се потребни пари. А за тоа е клучно стопанисувањето на јавното претпријатие „Градски паркинг“. Што се доби со намалувањето на цената на зонското паркирање за 25%?

Од Град Скопје за Плусинфо велат дека мерката за намалувањето на цената за паркирање од 25% придонела за поголеми приходи во првите шест месеци од 2023 година, во споредба со истиот период лани.

– Намалувањето на цените за паркирање беше воведено во 2022 година и се однесува на намалување на цената за час паркирање на зонските паркинзи. И покрај намалувањето, претпријатието бележи пораст во приходите во првите шест месеци од оваа година за 4.940.000 денари,во споредба со истиот период лани – велат од Град Скопје за Плусинфо.

Оттаму истакнуваат дека цените што ги нуди претпријатието за час паркирање се најниски во регионот и се прифатливи за корисниците, а целта на претпријатието е да биде во служба на граѓаните.

– Сакаме да додадеме дека ЈП „Градски паркинг“ на сите жители кои со својата адреса на живеење гравитираат на зоните или на јавните паркиралишта, им овозможува бесплатно паркирање на нивните возила. Цените за паркирање на станарските возила изнесуваат: 0 денари за прво возило и 300 денари за второ возило. На територија на општина Аеродром, станарите имаат право на бесплатно паркирање на 2 станарски возила – ни рекоа од Град Скопје.

Градоначалничката Арсовска вети изградба на нови паркиралишта и катни гаражи, а во врска со ова прашање од Град Скопје ни одговорија дека остваруваат одлична соработка со ЈП „Градски паркинг“ и дека посветено работат во подобрување на паркинг услугите за сите скопјани.

– ЈП „Градски Паркинг“ ја следи и програмата за работа и развој на градоначалникот на главниот град. Со заемна соработка и поддршка, постојано се работи на подобрување на паркинг услугите со цел да се олесни секојдневието на скопјани – велат од Град Скопје.

Од кабинетот на Арсовска тврдат дека ЈП „Градски Паркинг“, во соработка со останатите општини, презема активности за реализација на сообраќајот во мирување, за лоцирање на нови површини за јавни паркиралишта, за отворање на нови зони и за градење нови катни гаражи.

– Преку постојана работа, комуникација со градот Скопје и општините во него, ја остваруваме нашата цел да бидеме подостапни, поблиски и иновативни до и за нашите корисници. Нашата крајна и главна цел е тие да бидат задоволни – се фалат градските власти.

Трговските центри му конкурираат на јавното претпријатие?

Според советникот од Левица, Амар Мециновиќ, генерално треба да се намалуваат цените за паркирањето во Скопје. Тој додава дека според Левица, не е нелогично да им се даваат дозволи на правни субјекти за вршење на дејност паркирање, а со тоа да се конкурира директно на ЈП „Градски паркинг“.

– Ние 6-7 месеци блокиравме во Советот давање дозволи за вршење на дејност паркирање на приватни субјекти. Станува збор за повеќе трговски центри. Сметаме дека со тоа се прави конкуренција на нашето јавно претпријатие, што е нелогично. Од друга страна, сметавме дека тука се кријат врските меѓу политиката и бизнисот, што според нас беше исполнување на некои коруптивни услуги и ветувања. Третата и најважна работа е тоа што правните субјекти, откако ќе ги добијат тие дозволи, ќе може да ја зголемат катноста на зградите. Исто така, со дозволите за паркирање се зголемува вредноста на трговските центри, а тоа значи дека сопствениците ќе заработат многу повеќе пари доколку во иднина ги продадат објектите – вели Мециновиќ.

Улиците се изградени од Град Скопје. Апсурдно е да се даваат такви дозволи на приватни, а јавното претпријатие да не стопанисува со простор изграден со државни пари, смета Левица.

Како го прават тоа поголемите европски и светски градови?

Регулацијата и контролата на паркирањето во центрите на градовите се предизвик за сите поголеми европски градови. Тоа е прашање поврзано и со растежот на пазарот на недвижности. Од причини кои не се докрај јасни, наспроти големиот неискористен станбен простор, изградбата на станови во центарот на Скопје зема замав, цените на становите растат, а проблемот со паркирање на возилата во централното градско подрачје дополнително се зголемува. Интересно е дека цената на гаража во подземен паркинг во новоизградените станбени објекти во центарот на Скопје се движи од 7.000 евра нагоре, а побарувачката ја надминува понудата.

Тоа значи дека постојано расте и притисокот за паркирање на возилата токму во централното градско подрачје. Покрај изградбата на нови паркинг места на јавните простори, но и во новоизградените приватни објекти, еден од начините за „обесхрабрување“ на навалицата на паркирање во централното градско подрачје е утврдување повисоки цени на паркирање, велат експерти што ги консултираше Плусинфо. Во споредба со европските градови, цената на паркирање во Скопје е ниска:

Изработка: Плусинфо

Во големите европски градови активно се користат паркинзи и паркинг паркови кои се наоѓаат во близина на метро станици, железнички и автобуски линии и слично. Идејата е да се растоварат центрите на градовите од приватни возила. Ваков проект, под насловот „Паркирај и вози“ (Park & Ride), постои од 2011 година. Но, досега не е изграден ниту еден таков паркинг на периферијата на Скопје, што би можел да ги прими возилата на посетителите на главниот град. Овие паркиралишта на влезните точки на градот се замислени да станат транспортни терминали, од каде што ќе поаѓаат автобуски линии и ќе има велосипеди за изнајмување до различни дестинации во Скопје. За жал, овој концепт нема иднина, додека Скопје не го добие она што сега го нема – квалитетен јавен градски превоз.

Во Германија, Англија, Холандија и во Јапонија, на пример, наместо изградбата на надземни катни гаражи, предност се дава на подземните паркинзи, кои се наоѓаат под големи плоштади, трговски центри и и слично. Во Холандија е одобрен проект за создавање подземен град од паркинзи под центарот на Амстердам, со перални за автомобили, продавници за автомобили, спортски сали, базени и кина. Предложено е да се изградат шест подземни ката под центарот на градот, со што ќе се реши проблемот со недостигот на слободен простор во центарот на градот.

Ваквите грандиозни објекти чинат многу пари. Во овој момент, ниту локалните ниту централната власт не се заинтересирани за изградба на капитални објекти од ваков вид, а особено не под земја. Една од причините за тоа е што степенот на моторизација во Македонија е далеку под просекот во Европската Унија. Додека во земјите членки на ЕУ во 2017 година имало по 500 патнички автомобили на секои 1.000 жители, во Македонија зборуваме за 195 автомобили на секои 1.000 жители.

По нашиот стар и лош обичај, со проблемот ќе се соочиме кога веројатно ќе биде – предоцна.

КОЛКУ РЕГИСТРИРАНИ ВОЗИЛА ВО СКОПЈЕ БАРААТ „МЕСТО ПОД СОНЦЕТО“?  Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, во 2022 година за прв пат во историјата во Скопје имало над 172.000 регистрирани автомобили, при што ваквите бројки во континуитет растат. Па така, во 2019 година низ улиците сообраќале над 148.000 автомобили со скопски регистарски таблички, додека во 2020 година овој број се искачил на над 155.000 автомобили. Раст од 10.000 регистрирани возила имаме во 2021 година или над 165.000 автомобили. За период од четири години, место за паркинг низ Скопје секојдневно бараат над 34.000 дополнителни автомобили.

Со овој текст, Плусинфо.мк се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

Поврзани содржини