Скандалозни пораки

Кога на скопјани им велите дека „Денеска го одбележуваме 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје“, не смеете да не спомнете од кого тоа Скопје било ослободено односно кој тоа во него престојувал како окупатор цели четири години.

1,235

Едно прашање заслужува сериозен одговор (не само) од страна власта. Не дека јас го поставувам, бидејќи јас апсолутно не сум единствениот, туку заради општиот кредибилитет на владејачката коалиција – не само оваа – или барем на одредени персони во неа, а особено заради прагот на довербата на јавноста кон неа/нив. Истиот стандард, реципрочно, треба да го постави и власта за нејзините критичари, вклучувајќи ја тука и мојата дребност, се разбира.

А прашањето е едноставно: кој е, каков е, кредибилитетот (политички, стручен, професионален, морален…) на одредени персони во власта кои така здушно, но најчесто и безобразно, ја критикуваат т.н. опозиција – потесна (политичка) или поширока (академска, интелектуална и др.)?






Кој е, извинете, политичкиот кредибилитет на премиерот (не само овој) да прогласува некакво „дуо“ за непријател бр. 1 на оваа држава, па и да дели политички лекции кој, што, и како, може да работи во земјава?

Или, кој е, каков е, политичкиот кредибилитет на еден абдоминален хирург да држи предавања за надворешната политика на Македонија? Или на оној тотален политички аутсајдер со 4-5% доверба кај граѓаните, да дели дијагнози кому му нема или му има спас? Се разбира, списокот не застанува тука, но ако овие истурени политички позиции си дозволуваат такви слободи, можете да замислите како се однесуваат другите, оние подолу во хиерархијата?

Но, не го кажувам ова случајно, бидејќи повторно, намерно, се враќам на случајот „источен сосед“, сега одново актуелизиран со празнувањето на ослободувањето на Скопје од бугарскиот фашистички окупатор, кога пак влегуваат во историската игра персони тотално неупатени во историските случувања, аналфабети за историја, политика, култура…, ама случајно на клучни позиции во државава и со некакво умислено право да ја одредуваат нејзината сегашност и (како уште пострашна варијанта) потенцијалната иднина.

И како, и зошто, главни непријатели на државата, сега и „пиромани“, стануваат поединци од опозицијата, претседателот на МАНУ како „некојси таму“, но не и оние кои буквално ја испокрадоа цела држава, кои ја доведоа на работ на комплетен колапс, кои жареа/жарат и палеа/палат (кога сме веќе кај „пироманите“)?

Или, пак, како тоа оној некогаш нивен омразен лик, кој сега ни ги вметнува Бугарите и како ослободители, си го чуваат во скутот како коалициски партнер а повеќе не го гледаат како непријател? А беше, нели, во едно друго време?

Па конечно, зошто главни потпалувачи на државата не се оние од соседството кои отворено го негираат и нејзиното постоење…, туку (и) нив ни ги поттураат како големи пријатели на Македонија? И во таков контекст да го поставиме дури и чествувањето на ослободувањето на Скопје, но – од кого? Смее ли некој од спомнатите да одговори на тоа круцијално прашање? Или вака, премолчено, како најдолни кукавици и политикантски профитери, ќе го прифатат „толкувањето“ на оној циркузант со „б“ во името?

И што ли ќе пишува во идните учебници по историја, оние стокмени според теркот на „Историската комисија за лустрација“, а со амин на оваа власт: од кого беше ослободено Скопје тој 13 ноември 1944 година? Од „дуото“, од „пироманите“, од оние на кои „им нема спас“…? Или ќе ја преземат онаа скандалозна „Љубчовистичка честитка“?

Малку срам, и морал, не се на одмет! И малку знаење. Но и многу доблест. Зашто, кога на скопјани им велите дека „Денеска го одбележуваме 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје“, не смеете да не спомнете од кого тоа Скопје било ослободено односно кој тоа во него престојувал како окупатор цели четири години. Дури тоа и да не ви се допаѓа многу, дури и да мислите дека (во моментов) тоа звучи „недипломатски“, должни сте пред историјата и пред борците ослободители тоа да го кажете. Јасно и гласно! Зашто, ако велите дека „се сеќаваме на херојството, кога им се поклонуваме на жртвите и борците кои се бореа храбро за секоја улица на градот“, мислите токму на тие борци кои точно знаеле против кого се бореле. Зарем тоа, денес, е толку страшно да се изговори?

А тоа го знаеле и граѓаните на Скопје на кои се повикувате во оваа и секоја друга прилика, и на кои им велите дека нивниот град Скопје оттогаш „пулсира како слободен град“! Што е само делумно точно – односно е перфидна лага – зашто овој град одамна го загуби тоа чувство на слобода, овој град одамна не личи на себе и на она Скопје, благодарејќи токму на такви политиканти кои се плашат да ги именуваат нештата онака како што доликува. И кои секојдневно го убиваат градов, полека, на рати!

Меѓу тие борци, на пример, бил и еден Михајло Апостолски, како врховен командант на македонските партизански единици во Втората светска војна. Што мислат актуелниве политиканти, како тој човек би се чувствувал да ги слуша нивните денешни празни „беседи“? А и сите други, знајни и незнајни борци, во чија чест стои оној споменик баш пред македонската влада. Ваквата бесмислена реторика, лишена од основни национални чувства, само долева немир и недоверба (не само) кај скопјани. Ако тоа оваа власт не го разбира, ништо не разбира! Но, може и вака: колкумина од овие владини ојлевци и дојлевци што го газат градов со нивните опинци, се родени во Скопје? Не го кажувам ова како можна форма на презир или говор на омраза кон сите „дојденци“, но за да го разберете овој град треба нешто повеќе од само партиска припадност, нели!

А може и вака: ако новоизбраната словенечка претседателка Наташа Пирц Мусар, во своето прво јавно обраќање по изборот, најнормално посакува утре и Македонија – а не Северна Македонија! – да стане членка на ЕУ, а македонскиот „претседател“ ни во сон не се двои од идиотската фраза „нашата земја“, за што тогаш говориме?

Оттука, ако тажната македонска приказна, сега дополнета и со фрапантно дегутантното „чествување“ на ослободувањето на Скопје, е навистина толку зависна од многу потажната бугарска приказна за Македонија, нели е ред некој, барем на помладиве, да им ги посочи главните цртички на тој „источен копнеж“, барем децава да знаат за што станува збор? Зашто оваа држава, односно нејзините највисоки функционери фатени со „братјата“ во истото оро, тоа нема да го направат. Напротив, тие прават сѐ да ги замаглат нештата, да ги покријат со копрените на Венециската комисија, да испредат бајки околу историските факти и истите да ги сместат во своите говори и во учебниците по историја.

И таа приказна не е долга, ниту е комплицирана. Едноставна е, но само ако се погледне со отворени очи и соодветна доза на чесност. Нема потреба дури ни од национални чувства, патриотизам и слично, кои толку им пречат на профитериве. Нештата во историската приказна тогаш стануваат многу, многу појасни. И се сведуваат на мизерна алчност по територии. Она пак што за сега останува „сокриено“ е улогата на македонскиот политикантски дел во приказната. Иако и тој замирисува на старите познати братоубиствени колежи. Но и тие ќе се разјаснат еден ден, набргу.

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини