🎥 СКАНДАЛОЗЕН АНТИВАКСЕРСКИ ПОВИК ДО РОДИТЕЛИТЕ НА ДЕЦАТА СО АУТИЗАМ Професорот Даниловски остро го критикува колегата Трајковски

Професорот Владимир Трајковски во едно видео вели дека не им советува на родителите на децата со аутизам „понатамошни вакцинации на децата и кај што има доказ дека веројатно вакцината е причинител“.

2,811

Драган Даниловски, познат македонски епидемиолог и универзитетски професор, остро го критикува Владимир Трајковски, македонски генетичар и професор по хумана генетика.

Повод за реакцијата на Даниловски е тоа што Трајковски, во моментов и претседател на Македонското научно здружение за аутизам, во едно видео вели дека не им советува на родителите на децата со аутизам „понатамошни вакцинации на децата и кај што има доказ дека веројатно вакцината е причинител“.






Тоа е ова видео:

Даниловски на Фејсбук со големи букви пишува дека ова скандал и прецизира:

„Иако ниту еден исказ не е точен, нема родител што ќе го вакцинира своето дете, откако ќе го чуе ова од устата на претседател на ‘Македонското научно здружение за аутизам’! За 30 секунди е збришана целата (ионака кревка) доверба на народот кон вакцините! Аферим!“

Тврдењето дека вакцините предизвикуваат аутизам кај децата е една од најконтроверзните и најшироко распространетите здравствени дезинформации во современото општество. Оваа теорија потекнува од една студија објавена во 1998 година од британскиот лекар Ендру Вејкфилд, која сугерираше можна врска меѓу вакцината МПР (морбили, паротит, рубеола) и развојот на аутистични нарушувања. Иако студијата беше објавена во престижното медицинско списание The Lancet, таа набргу беше жестоко критикувана поради методолошки слабости, конфликт на интереси и неточни податоци.

Во наредните години, голем број обемни научни истражувања ја отфрлија оваа поврзаност. Повеќе реномирани институции, како Светската здравствена организација (СЗО), Центрарот за контрола и превенција на болести (CDC) и Националниот институт за здравје на САД (NIH), потврдија дека не постои научен доказ кој ја поврзува МПР или која било друга вакцина со аутизмот.

The Lancet официјално ја повлече студијата во 2010 година, а Вејкфилд ја изгуби медицинската лиценца поради неетичко однесување.

Сепак, стравот кај некои родители остана присутен, особено поради ширењето на лажни информации преку социјалните мрежи и интернет форуми. Антиваксерското движење се засили во последните две децении, користејќи емотивни приказни, непроверени податиоци и теории на заговор. Тоа доведе до намалување на опфатот со вакцинација во некои заедници, што резултираше со повторна појава на заразни болести како морбили, кои претходно беа речиси искоренети.

Научната заедница е едногласна дека вакцините се безбедни и неопходни за јавното здравје.

Аутизмот е сложено невроразвојно нарушување со повеќе можни причини – вклучувајќи генетски фактори и влијанија од средината – но вакцините не се меѓу нив.

Поврзани содржини