СКАНДАЛ ВО КОЧАНСКАТА ПОЛИЦИЈА Двајца полицајци се суспендирани откако тепале граѓанин
Полициските службеници се осомничени дека нелегално употребиле физичка сила врз граѓанин во чиј двор влегле по пријава за гласна музика.
Полициските службеници З.Т. и К.Д. од кочанската станица се осомничени дека во септември извршиле „малтретирање во вршење на службата“, откако нелегално употребиле физичка сила врз граѓанин во чиј двор влегле по пријава за гласна музика.
Според информациите од Одделот за внатрешна контрола, инцидентот се случил на 07.09.2025 година, кога двајцата службеници постапувале по дојава за нарушување на јавниот ред. Наместо да спроведат службена процедура, тие влегле во приватниот двор на пријавеното лице, иако не биле исполнети законските услови за такво дејствување.
Потоа, без одобрена основа и без исполнети услови за употреба на средства за присилба, полицajците употребиле физичка сила врз граѓанинот, нанесувајќи му телесна повреда.
Одделот за внатрешна контрола веќе поднесе кривична пријава до надлежното обвинителство за организиран криминал и корупција, а против осомничените ќе следи и дисциплинска постапка.
– Законот важи за сите, вклучително и за полициските службеници. Секое прекршување на овластувањата носи одговорност – велат од Министерството за внатрешни работи, најавувајќи дека двајцата ќе бидат отстранети од работно место до завршување на дисциплинската процедура.