СКАНДАЛ ВО АМЕРИКАНСКАТА АМБАСАДА ВО АТИНА Амбасадорката Гилфојл под истрага за закани и малтретирање

Вработените во американската амбасада во Атина ја обвинуваат Кимберли Гилфојл за закани и малтретирање, додека се проверуваат и наводи за нејзини лични и деловни интереси.

0

Американскиот Стејт департмент отвори истрага против амбасадорката на САД во Грција, Кимберли Гилфојл, по низа наводи за нејзиното однесување за време на мандатот.

Според британскиот весник „Daily Mail“, вработените во амбасадата го опишале нејзиниот мандат како „чиста тиранија“. Весникот наведува дека 57-годишната Гилфојл, истакната фигура во движењето „MAGA“, го деградирала еден од припадниците на обезбедувањето затоа што не ѝ донел мраз за пијалак во четири часот наутро на Миконос.






Стејт департментот сега ги разгледува поплаките против неа, по минатонеделните откритија за нејзините наводно екстравагантни барања. Меѓу нив, според пишувањата на медиумот, имало барања за бесплатни оброци, врвни вина и изградба на кошаркарски терен во вредност од 58.000 долари во нејзината резиденција во Атина.

Извори на „Daily Mail“ тврдат дека Канцеларијата на генералниот инспектор води истрага против неа поради „можна злоупотреба на опојни супстанции, користење приватни авиони и хеликоптери, блиски врски со енергетска и градежна компанија, несоодветно прифаќање подароци и други прашања“.

Наводи за малтретирање и закани

Извори од Грција изјавиле дека ситуацијата во Атина станала неиздржлива, иако Гилфојл е на функцијата помалку од една година.

– Кога ќе се насоберат доволно поплаки, се отвора истрага. Така функционира системот. Да се надеваме дека ова ќе ѝ послужи како еден вид отрезнување – изјавил за британскиот таблоид извор близок до амбасадата.

Вработените во амбасадата тврдат дека живеат во страв од отказ, додека амбасадорката, поранешна водителка на телевизијата „Fox News“, наводно уживала покрај Егејското Море.

Според наводите, таа пристигнала во Атина со приватен авион на еден милијардер уште на првиот работен ден. Извори на „Daily Mail“ тврдат дека Гилфојл повеќепати им се заканувала на вработените, велејќи им: „Направете го тоа, до ѓавола, или добивате отказ!“

Се чини дека некои од заканите ги спровела во дело. „Daily Mail“ објавува дека таа деградирала двајца свои возачи, Петрос и Димитрис, бидејќи не ѝ се допаѓал начинот на кој свртувале „налево“.

Иако возачите поминале обука во САД, повеќе не им било дозволено да ја возат амбасадорката.

Според изворите, во друг инцидент таа го деградирала и шефот на обезбедувањето затоа што не ѝ одговорил на повикот во четири часот наутро. Наводно, сакала тој да ѝ донесе мраз. Како што пишува весникот, наредбата му ја издала додека пиела алкохол на Миконос.

– Гилфојл пиела во четири часот наутро и му се јавила на Василис, припадник на обезбедувањето кој веќе е дедо. Се разбира, тој спиел и не се јавил. Следниот ден го деградирала – изјавил изворот.

Однесувањето на амбасадорката наводно станало толку сериозен проблем што се вмешала и грчката полиција, откако вработените пријавиле „вербално малтретирање“, пишува британскиот таблоид.

Дополнителни обвинувања и прашања за нејзината способност да ја извршува функцијата

Проблемите за Гилфојл продолжиле во средата вечерта, кога „The Wall Street Journal“ објави текст во кој се тврди дека таа побарала од донатор на движењето „MAGA“ да ја плати нејзината сметка од 100.000 долари на кредитната картичка „American Express“.

За возврат, наводно му понудила влијание и пристап до луѓе од опкружувањето на претседателот Доналд Трамп.

Иако, според наводите, нејзиниот персонал не бил доволно ангажиран, Гилфојл во јули била забележана во ексклузивниот клуб „Nammos“ на Миконос, а истиот месец присуствувала и на Неделата на модата во Париз.

За амбасадорка на САД во Грција била именувана кратко откако во 2024 година ја раскинала свршувачката со Доналд Трамп Помладиот, најстариот син на американскиот претседател.

Нејзиното однесување, вклучително и дружењето со лобистот од енергетскиот сектор Христос Марафатсос, предизвикало прашања во администрацијата на Трамп за нејзината способност да ја извршува амбасадорската функција во земја која е важен сојузник на САД.

– Прашањето е уште колку долго може да трае ова. Во кој момент претседателот ќе ја разгледа целата ситуација и ќе заклучи дека вака едноставно повеќе не може? – изјавил за „Daily Mail“ извор близок до Трамп.

„МОЖЕМЕ ДА ЈА СОБОРИМЕ КОЈА БИЛО ВЛАДА НА БАЛКАНОТ И ДА СОЗДАДЕМЕ ПОЛИТИЧКА КРИЗА“ Шокантни наводи за зборовите на амбасадорката на Трамп во Грција

Поврзани содржини