СКАНДАЛ Шекеринска позира пред симбол на УЧК во Кичево, а после се вади
Фотографијата е направена за време на посетата на министерката на општината Кичево каде што со градоначалникот Дехари тема на разговор била состојбата со ковид-19.
Скандалозна фотографија на која вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска и градоначалникот на општина Кичево Фатмир Дехари позираат пред симболот на УЧК поставен во канцеларијата, предизвика силни реакции во јавноста., посебно на социјалните мрежи.
Фотографијата е направена за време на посетата на министерката на општината Кичево каде што со градоначалникот Дехари тема на разговор била состојбата со ковид-19.
По објавувањето на фотографијата се појавија и други фотографии, најверојатно фотошопирани.
По бурните реакции се јави и министерката на својот фејсбук профил.Шекеринска не ја спори фотографијата.
„Дејствата од 2001 се далеку зад нас. Нашето општество ја надмина воената криза на демократски и траен начин, за што сведочиме денес, 19 години подоцна, кога сме членка на НАТО. Во 2020 година најважно е дали политичарите им служат на граѓаните. Иконографиите не се репер за добро управување, служењето на граѓаните е репер“, напиша Шекеринска исто така на Фејсбујк.
Тоа дополнително ги вжешти рекациите.
Нејзината сопартијка и професорка на скопскиот Правен факултет, Каролина Ристова Астеруд и возврати:
„Не, Радмила, во голема грешка си, и треба да ги признаеш, и грешката, и повредата. Главната поента не е дали воената криза од 2001 е далеку за нас (?!), ама кога веќе ја користиш за поентирање, да потсетам дека во период пост-воена криза, за залекувањето на раните и за помирувањето, треба многу такт и обзирност, двонасочно, па и повеќенасочно во нашево општество, и тоа децении и децении подоцна, дотолку повеќе што има загинати и жртви на воени злосторства и злосторства против човештвото“..
Реагираше и професорката Гордана Силјаноска Давкова која вели дека сликата наликува на политичка средба во штабот на УЧК.
„Сликата со г-дин Дехари наликува на политичка средба во штабот на УЧК, а не во канцеларија на градоначалник на Кичево, град во Република Македонија! Министерката за одбрана и градоначалникот МОРА да знаат дека членот 20, став (4 ) на Уставот на Република Македонија забранува воени или полувоени здруженија што не им припаѓаат на вооружените сили на Република Македонија“, напиша Давкова!
Реагираше и поранешниот градоначалник на Прилеп од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Марјан Ристески
„Без ни малку срам ја разрешивте Рашела Мизрахи за прес-конференција пред табла на која пишува Република Македонија….Сега многу ме интересира како ќе реагира техничкиот премиер и влада за испадот на Рада со амблемите на УЧК во позадина?!?! Како Рада ќе им го објасни овој срамен чин на семејствата на загинатите и илјадниците бранители кои застанаа на браникот на татковината ? Како ќе им го објасни и на вработените на АРМ и Министерството за одбрана кои беа цел на терористички напади токму од УЧК?“, напиша Ристески.
Образложението на министерката ги изреволтира граѓаните, особено оние од Тетово, како и семејствата кои загубиле свој близок во воениот конфликт во 2001 година.
„Дејствијата може да се далеку зад вас кои сте во политичките кругови и се ви е од политички интерес. Прашајте ги семејствата на загинатите и исчезнатите, на оние кои не можат да отидат до Карпалак и Вејце да запалат свеќа. Оние кои носат трауми од војната, кои денар не добија за одбрана на државата. Некако само вие од едната страна правите отстапки, додека другите во ниту една прилика не повикале на соживот, ниту пак дејствувале во таа насока – напиша револтиран граѓанин.