📷 СКАНДАЛ НА ЗАДУШНИЦА НА ГРОБИШТАТА ВО ЃОРЧЕ Лажен свештеник „пеел“ за покојници, па заврши со лисици
Лажен свештеник со мантија и кандило нудел да пее за покојници, полицијата интервенирала по пријава на граѓани.
Невообичаена сцена ја вознемири јавноста за време на верскиот празник Задушница, кога полицијата на гробиштата во скопската населба Ѓорче Петров привела маж облечен во свештеничка мантија, кој изведувал обреди.
Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека се работи за лицето Б.П., кое било затекнато како врши верски активности, а против него се преземаат мерки за расчистување на случајот.
„На 01.11.2025 на гробиштата во Ѓорче Петров во Скопје, постапувајќи по претходна пријава, од страна на полициски службеници од ОКР Ѓорче Петров легитимиран е Б.П., кој извршувал верски активности. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од Министерството.
Од МВР не соопштуваат детали, освен дека случајот е во постапка.
Очевидци сведочат дека човекот носел кандило и пеел молитви за покојници, нудејќи им на граѓаните да „пее“ за нивните блиски. Но, набрзо било утврдено дека не е вистински свештеник.
„Замислете мои волковчани и ѓорчепетровци, на Задушница одиш како човек на гробишта за да ги посетиш починатите и бараш поп. И кога едвај го наоѓаш, го викаш да го испее гробот, и оп – од нигде никаде скокаат четворица полицајци да го апсат попот. Зошто? Затоа што не бил поп, туку некој човек што си нарачал мантија и кандило и си рекол: ‘Сега ќе му е мајката, на жалоста на луѓето пари ќе правам’. Го апсат, го носат во полициска станица, а гробот остана неиспеан. Е моја чудесна Македонија“, напиша еден корисник на Фејсбук.

Според неофицијални информации, лицето најверојатно се претставувало како поп со цел да зема пари од граѓаните за изведување на верски обреди.