СИТЕ ЗДРАВСТВЕНИ РАБОТНИЦИ СО ДОГОВОР НА ДЕЛО ЌЕ СЕ ВРАБОТАТ ПО ИЗБОРИТЕ Се очекува трајно решение до крајот на годината
Директорот на Фондот за здравство, Сашо Клековски, изјави дека иако административната постапка бара координација меѓу повеќе институции, постои целосна посветеност процесот да започне веднаш по изборите, а најдоцна до крајот на годината сите здравствени работници, кои со години работеле со договор на дело, да добијат договори на неопределено време и конечно да им се реши работниот статус.
Со посветеност на Владата, сите вработени кои подолго време работат со договор на дело во болниците во земјава ќе добијат договори за неопределено време веднаш по изборите, а најдоцна до крајот на годинава, најави директорот на Фондот за здравство, Сашо Клековски, при денешната посета на ЈЗУ Општа болница Велес заедно со својот заменик Бранко Аџигогов како и со заменик министерот за здравство Јовица Андовски, одговарајќи на новинарско прашање.
– Прашање е колку бргу можат административно да се постигнат тие процеси зашто треба да се координираат повеќе институции, но сепак по изборите до крајот на годината имаме целосна посветеност за да добијат договори на неопределено време сите што неколку години работеле со договори на дело и со тоа да им се реши статусот – рече Клековски.
Како што информира директорот на ЈЗУ Општа болница Велес, Александар Бузалков, во велешката болница има 7 работници со договор на дело. Тој се надева дека по изборите ќе добијат согласност за нивно вработување на неопределено време како што и било договорено со надлежните.