Сите патишта водат во Битола…
Двајца битолчани, Дарко Милевски, фудбалер кој освен во Македонија играл и во Данска, Шведска, а извесно време и во Азија и Александра Христова, доктор по остеопатија, битолчанка израсната и школувана во Австралија ги вкрстиле своите патишта во родната Битола каде што сакаат да ги постават основите на една нова франшиза, рамна на „Мекдоналдс“, ама на здрав начин.
Александра Христова и Дарко Милевски се битолчани, не се познаваат долго, но како да се знаат со векови. Од неодамна, откако прво, како што велат, се поврзале духовно, сфатиле дека се создадени еден за друг и сега имаат многу заеднички планови за иднината и тоа токму во нивниот роден град – Битола.
Дарко, од малечок играл фудбал. Како професионалец играл во прва и во втора лига во Македонија, во трета лига во Шведска, во прва лига во Мјанмар, во Азија.
„На 21 година заминав да играм фудбал во Данска, потоа во Шведска, па добив и шведски пасош, потоа кратко во Мјанмар, поранешна Бурма, па Тајланд, па се вратив во Македонија. Имав речиси 30 години и ми се смачи од фудбалот. Се вратив на школувањето кое го имав прекинато заради фудбалот и дипломирав на оперативен менаџмент, а потоа завршив и постдипломски – стратегиски менаџмент и спортски менаџмент. Сега сум на докторски студии за бизнис администрација, на Американ колеџ и имам уште две години до крај.
Како фудбалер имав една повреда на коленото која ми препорачуваа да ја оперирам, ама јас почнав да барам некои алтернативни решенија за проблемот и така, меѓудругото, решив да го сменам и начинот на исхрана. Престанав да јадам месо и почнав сосема нов режим на исхрана. Сега се чувствувам многу подобро отколку кога било досега, полесен, сум и побрз и жал ми е што не го направив тоа додека играв фудбал, затоа што мислам дека ќе бев многу подобар. Ниту еден тренинг не може да направи да бидете фит 90 минути, како што мислам дека може начинот на исхрана. Дури мислам дека би заиграл пак фудбал само колку да проверам“, се смее Дарко.
Тој е веќе 5-6 години пензиониран фудбалер и никогаш не мислел дека еден ден ќе се занимава со угостителство и со правење храна, но додека студирал во Скопје работел извесно време во некој мал локал за здрава храна па добил идеја да направи нешто за здрава храна и тоа токму во Битола.
Целиот текст прочитајте го на порталот „Арт кујна“.