СИТЕ МАКЕДОНСКИ ВЛАДИ И ПРЕТСЕДАТЕЛИТЕ ВО 1990-ТИТЕ (3) Како Фрчкоски нѐ убедуваше мене и Силјановска за вториот дел од референдумското прашање

Поради конфузната содржина на референдумското прашање и поради изнесеното разбирање од страна на Бадентеровата комисија, таа Комисија референдумот од 8 септември 1991 година не го сметаше како основ и датум на формирањето на Р. Македонија како суверена и самостојна држава. Наместо референдумот, Бадентеровата комисија донесувањето на Уставот на Република Македонија на 17 ноември 1991 година  го смета како основ и датум на формирањето на Република Македонија како самостојна и суверена држава без институционална врска со СФРЈ.

3,915

Референдумот за независност беше закажан на 6 август, а одржан на 8 септември 1991 година. Во тоа време Киро Глигоров беше претседател на Република Македонија, која ја имаше и Владата на Никола Кљусев. Во подготовката на референдумот, при формирањето за изјаснување на граѓаните – дали се или не се за создавање на суверена и самостојна држава Македонија – претседателот Киро Глигоров инсистирал кон тоа прашање, да се додаде и прашањето „со право да стапи во иден сојуз на суверените држави на Југославија“.

Инсистирањето на таа додавка Претседателот Глигоров ја образложувал со „преземената обврска пред српскиот претседател Слободан Милошевиќ“. Тоа образложение треба да се прифати како вистина, која што се потврдува (и) со следните факти.






Фрчкоски: „Ве викнавме да помогнете, а не да комплицирате“

Пред официјализирањето и објавувањето на референдумското прашање со споменатата „опашка“, бевме повикани јас, авторот на овој текст и Гордана Сиљановска, како членови на Уставната комисија, од страна на тогашниот министер во Владата на Никола Кљусев, одговорен за политички систем, Љубомир Данаилов Фрчкоски, „да сме помогнеле во формулирањето на прашањето за референдумот“. Притоа, во кабинетот на министерот, ги затекнавме Владимир Кутлешиќ и Касим Трнка, за кои подоцна разбравме дека биле: првиот, правен советник на претседателот на Србија Слободан Милошевиќ и универзитетски професор по уставно право, а вториот, професор по уставно право во Сараево и, веројатно, советник на претседателот на Босна и Херцеговина Алија Изетбеговиќ.

Министерот Фрчкоски ни го претстави предлогот за референдумското прашање, кое требало да гласи: „Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија, со право да стапи во иден сојуз на суверените држави на Југославија“. На нашиот коментар дека се поставуваат две прашања со што се создава недоволна јаснотија за тоа што всушност преферираат граѓаните од тие две прашања, министерот, одговорен за политички систем „лаконски“ одговори дека ако Р. Македонија е суверена и самостојна држава, таа со самото тоа секогаш можела да стапи во сојуз со други држави.

На забелешката – доколку тоа би било токму така, тогаш додавката е излишна и таа, во случајот, само создава конфузија, и второ, не е баш така, дека самостојната и суверената држава, ipso facto, може да влезе во некаков сојуз на држави без да спроведе уставно предвидена процедура и без да ги исполни уставно предвидените услови за таков случај – му реплицирав и додадов: конечно и нашиот нацрт Устав, на чиј што работен текст си автор и ти, предвидува уставна процедура, уставен (двотретински) цензус на гласови за предлогот и референдум на кој мнозинството од вкупниот број на гласачите ќе гласа за таков предлог. Тогаш може да се смета дека е донесено решението, било за стапување во, било за истапување од сојуз или заедница со други држави. Значи, прво мора да постои (или прво мора да биде формирана) самостојна и суверена држава, за да може таа да го има тоа право кое може да го остварува во посебна и соодветна процедура. Затоа, може да се констатира дека формулација што се предлага за нашиот референдум спојува две прашања и создава конфузија.

На создадената непријатна атмосфера, и господинот Кутлешевиќ, и нашиот министер, покажаа видлива нервоза, веројатно поради позицијата и улогата што ја имаа, првиот во однос на неговиот Претседател Слободан Милошевиќ, а вториот во однос на својот Претседател Киро Глигоров, кои им дале задача да го утврдат прашањето за референдумот во Република Македонија, како што тие, претходно, се договориле. Поради тоа, реакциите на нашиот министер, беа во стилот „сме биле повикани за да помогнеме, а не за да комплицираме“.

Очигледно, намерата била да се обезбеди формална информација дека постапката за формулирање на прашањето за референдумот почнала на предлог на министерот одговорен за политички систем, со учество на група што тој ја формирал – по што би следел предлог на Владата до Собранието кое го утврдува референдумското прашање; фактички претходно договорено меѓу претседателите на Р. Србија и на Р. Македонија.

Во статијата се анализира трансформацијата на еднопартискиот во повеќепартиски систем, на федералниот во самостоен статус на македонската држава, на општествениот во приватен капитал – и на последиците што ги предизвика таа трансформација врз меѓунационалните односи, врз социјалниот и економскиот систем, како и врз односите на Република Македонија кон соседните држави.

Проф. д-р Владо Поповски историчар

Манипулација со волјата на граѓаните

Кога заврши „сеансата“ кај министерот одговорен за политички систем, така сроченото прашање од Владата на Р. Македонија стигнало во Собранието кое требало да донесе одлука за референдумот и за прашањето. Собранието, на седница одржана на 6 август 1991 година, го закажа референдумот за 8 септември таа година и го утврди прашањето, со „спорната“ содржина. Подоцна во прилозите што ги публикуваше господинот Стојан Андов, претседател на Собранието на Р. Македонија во односниот период, објаснува дека за „додавката“ на прашањето инсистирал претседателот на Републиката Киро Глигоров, бидејќи прифатил обврска пред Слободан Милошевиќ – претседател на Р. Србија.

Таа обврска на Глигоров пред Милошевиќ се потврди со информациите претходно дадени во оваа статија.

Дека референдумското прашање било „смеса“ од две прашања и дека, на таков начин, се создаде конфузија во намерата со референдумот, посведочува и Бадентеровата комисија во нејзиното мислење бр. 1 точка 2, алинеја 3 под а, од 10 декември 1991 година. Комисијата констатирала дека Македонија со референдумот одржан во септември 1991 година се заложила за суверена и независна Македонија во рамките на асоцијација на југословенските држави и  дека, поради тоа, таа спаѓала „… во оние републики кои сакале да создадат нова асоцијација која би имаала демократски институции по нивен избор…“ Затоа Бадентеровата комисија смета дека на тие републики, кои сакале да создадат таква асоцијација, е да работат заеднички за да ја постигнат таа цел.

Таквиот епилог укажува дека референумот од 8 септември 1991 година, според логиката на референдумското прашање, значел пред се изјаснување на граѓаните за влегување на Р. Македонија во иден сојуз на југословенски држави, а не за формирање на македонска самостојна и суверена држава – меѓународно призната. Токму во тоа е манипулацијата со волјата на граѓаните, изразена на референдумот. Спротивно на подметнатото значење на референдумското прашање, граѓаните на Република Македонија излегоа да гласаат за самостојна и суверена македонска држава, а не за асоцијација на југословенски држави, под што, во тие околности, подразбираа продиктиран србословенски сојуз на држави.

Глигоров јасно се определи за независност во 1994 година

Поради конфузната содржина на референдумското прашање и поради изнесеното разбирање од страна на Бадентеровата комисија, таа Комисија референдумот од 8 септември 1991 година не го сметаше како основ и датум на формирањето на Р. Македонија како суверена и самостојна држава. Наместо референдумот, Бадентеровата комисија донесувањето на Уставот на Република Македонија на 17 ноември 1991 година  го смета како основ и датум на формирањето на Република Македонија како самостојна и суверена држава без институционална врска со СФРЈ.

Според кажаното излегува дека референдумот од 8 септември 1991 година со прашањето за кое се изјаснувале граѓаните, претставувал уште еден пример на „отплаќање“ на обврските на претседателот Киро Глигоров преземени пред претседателот на Р. Србија – Слободан Милошевиќ.

Претседателот на Републиката Киро Глигоров во 1994 година, за време на кампањата за парламентарни и претседателски избори, по прв пат јавно и јасно изјави дека Р. Македонија треба да оди по свој пат како суверена и самостојна држава, како што е утврдено во нејзиниот Устав. Тој и до тогаш упорно работеше на меѓународното признавање на Р. Македонија како независна држава и на нејзиното зачленување во меѓународните организации. Но, во тоа време се уште ја држеше тезата дека Р. Македонија последна ќе се откаже од југословенскиот сојуз на суверени држави, независно што никогаш не изјавил дека смета оти Република Македонија треба да стане трета членка на веќе формираната Сојузна Република Југославија во која беа Р. Србија и Р. Црна Гора.

Од изнесеното произлегува дека претседателот Глигоров до 1992 година искрено се залагал за Сојуз на суверени југословенски држави, но од 1992 година, сметајќи дека таа варијанта станала нереална, интимно, се определил за осамостојувањето на Р. Македонија како држава, но јавно сѐ уште останал „на врска“ со Србија и Југославија, давајќи знаци оти се придржува кон некакво, сојузување со Србија. Сето тоа трае до половината на 1994 година, кога, категорично и јасно, изјавува дека Р. Македонија треба да продолжи по патот на независноста – како единствен пат.

Тоа е времето кога Р. Македонија се користи со пријателски симпатии и со позитивни оцени од страна на европските земји и од САД и кога претседателот Глигоров добива признанија како државник кој успеал Република Македонија да ја зачува надвор од воените конфликти на бивша Југославија. За Р. Македонија претседателот Глигоров сметаше дека е „Оаза на мирот“.

(Во следното продолжение: Атентатот врз Глигоров и кршењето на ембаргото кон Србија)

 

СИТЕ МАКЕДОНСКИ ВЛАДИ И ПРЕТСЕДАТЕЛИТЕ ВО 1990-ТИТЕ (2) Глигоров ја урна владата на Кљусев со оркестрирана операција

 

СИТЕ МАКЕДОНСКИ ВЛАДИ И ПРЕТСЕДАТЕЛИТЕ ВО 1990-ТИТЕ (1) Првата влада требаше да биде на Глигоров, а не на Кљусев

 

 

 

 

 

 

Поврзани содржини