СИТЕ МАКЕДОНСКИ ВЛАДИ И ПРЕТСЕДАТЕЛИТЕ ВО 1990-ТИТЕ (2) Глигоров ја урна владата на Кљусев со оркестрирана операција

Владата предводена од Никола Кљусев им засмета на повеќе фактори: на цивилното и на военото раководство на Србија, на Претседателот на Р. Македонија и на неговата задача до крај да се бори за останување на Републиката во југословенската држава, но и на партиското раководство на ВМРО-ДПМНЕ, на чело на Љубчо Георгиевски. Тоа Глигоров го искористи да ја урне Владата на Кљусев со 97 пратенички гласови, повеќе отколку што гласаа за референдумот за независност.

1,383

Претседателот на Републиката Киро Глигоров не успеа да се наметне врз Владата што ја предводеше академик Никола Кљусев. Политиката на таа Влада кон југословенската криза и кон идниот статус на С.Р. Македонија, како и кон кое и да е внатрешно прашање, зависеше од самата Влада. Таа „Кљусева“ Влада покажа висок степен на политичка автономност и способност, во мошне сложени и деликатни услови, да ги донесе најважните акти и одлуки со кои беше востановена и стабилизирана сувереноста и самостојноста на С. Р. Македонија, која, со уставните измени на 7 јуни 1991 година, стана Република Македонија.

Владата на Никола Кљусев успеа да ја стабилизира економската состојба и да го издвои монетарниот систем на Република Македонија од непредвидливите воени турбуленции во југословенските републики. Таа Влада, сфаќајќи дека генераторот на воените случувања се наоѓа во големосрпскиот агресивен и националистички егоизам, летото 1991 година изјави дека, при такви околности, Р. Македонија ќе мора да се подготви за целосна самостојност.






Тоа беше прва таква, јасна и категорична, изјава од македонска страна која, според логиката, се поврзуваше со Декларацијата за сувереност на С. Р. Македонија донесена од Собранието на Републиката на 25 јануари 1991 година.

Глигоровата позиција беше колебање или тактика?

Таква изјава и позиција не може да се слушне од страна на Претседателот на Републиката, што, како факт, и тогаш и подоцна, не мора да значи дека тој не се согласувал со таа идеја и позиција на Владата. Меѓутоа, неафирмирањето на таа идеја и позиција од него, во тоа исто време и нешто подоцна, може да укаже, на пример, дека кај него, за разлика од Владата, можело да има надеж – состојбите сепак да тргнат во правец на конфедерирање на југословенската сојузна држава и на создавање на заедница на суверени југословенски држави – што било прифатливо и за Словенија и за Босна и Херцеговина, како и за Македонија. Потврда за ова е и Платформата Глигоров – Изетбеговиќ, во која бившата СФРЈ се визира како конфедерација – слично на предлогот на Словенија.

Но, од друга страна, неафирмирањето на споменатата Владина позиција од страна на Претседателот на Републиката може да се разбере и со неговата потреба да се претпази од (не)предвидливата реакција на агресивниот српски претседател Слободан Милошевиќ, кому, по се изгледа, му ветил дека ќе работи Македонија да не се издвои од југословенскиот државен сојуз во кој би била и Република Србија.

Респективната изјава и позиција на Владата на Никола Кљусев, истакната во август 1991 година, беше основа и повод за донесување на повеќе владини одлуки со кои се прекинаа врските меѓу воените и цивилните власти на југословенската федерација со тие на Република Македонија. Во тој склоп била донесена одлука на Собранието на Р. Македонија со која биле повикани сите цивилни и воени претставници на Македонија да ги откажат своите должности во Федерацијата и да се вратат во својата Република.

Во тој контекст Владата на Р. Македонија, преку Меморандумот на македонското Министерство за надворешни работи од 23 август 1991 година, ги информирала државите – членки на Европската заедница, дека не било вистинито известувањето од страна на една југословенска република (од Р. Србија – В.П.) до истите држави, дека Р. Македонија останувала во Југословенската федерација – како четврта република, покрај Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Во статијата на проф.д-р Владо Поповски се анализира трансформацијата на еднопартискиот во повеќепартиски систем, на федералниот во самостоен статус на македонската државам на општествениот во приватен капитал – и на последиците што ги предизвика таа трансформација врз меѓунационалните односи, врз социјалниот и економскиот систем, како и врз односите на Република Македонија кон соседните држави.

Проф.д-р Владо Поповски историчар

Кому му пречеше Владата на Кљусев?

Покажувајќи компетентност, храброст и ефикасност, Владата предводена од Никола Кљусев, им засмета на повеќе фактори: на цивилното и на военото раководство на Србија; на Претседателот на Р. Македонија – на неговата задача до крај да се бори за останување на Републиката во југословенската држава; како и на суетата на Претседателот на Републиката, според која тој, а не некој друг, е главната водечка личност. Кљусевата влада му засмета и на партиското раководство на ВМРО-ДПМНЕ, кое сфати дека владината власт (и надлежност) е главниот и најмоќен колосек на извршната власт, за разлика (на пример) од моќта и надлежноста на Претседателот на Републиката, а особено од таа на Потпретседателот на Претседателот на Републиката, на која се наоѓаше партискиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ – Љубчо Георгиевски.

Кљусевата влада им засмета и на сите партиски раководства во Република Македонија кои, немаа влијание врз Владата, или поточно кажано, врз оние членови на Владата кои го сочинуваа нејзиното највлијателно и најмоќно јадро, од кое зависеа нејзините политики и одлуки.

Имено, не треба да се испушти од вид фактот дека само тројца членови на Владата се декларирале како членови на партии, а дека сите други, па и тие три члена на Владата, предводени од доминантното владино јадро, беа доволно самостојни во однос на партиските раководства, кои се уште немаа стекнато лична и колективна моќ и авторитет. Затоа, споменатото јадро на Владата, предводена од академик Никола Кљусев, а во кое влегуваа: еден потпретседател на Владата и министрите за внатрешни работи, за правосудство и управа, за урбанизам и градежништво, за наука и еден министер без ресор, практично им даваше правец и тон на владините политики и одлуки. Станува збор за потпретседателот Блаже Ристовски, и за членовите на Владата: Јордан Мијалков, Ѓорѓи Наумов, Александар Лепавцов, Ѓорги Ефремов и Илија Андонов Ченто. Објективно, според суштината и смислата, владината политика што ја формираше и спроведуваше споменатото владино јадро беше блиска до политиката и стремежот на ВМРО – историската, т.е. до стремежот, да се формира и афирмира суверена и самостојна македонска држава.

Тоа владино јадро, по дух и идеја, не беше, ниту инспирирано, ниту повлијаено и зависно од ВМРО-ДПМНЕ, како од неговото раководство, така и од неговите членови на Собранието на Република Македонија. Покрај од други причини, и поради тие факти, ВМРО-ДПМНЕ премина во опозиција на 22 октомври 1991 година и стана придружник на другите партии кои настојуваа да ја срушат Владата на Никола Кљусев, во што успеаја на 7 јули 1992 година – по 1 година, 3 месеци и 17 дена од нејзиниот избор.

Планот на „политичкиот маестро“

Рушењето на Владата на Никола Кљусев како постапка имаше посебни карактеристики, кои не беа повторени во ниту еден друг случај потоа. Имено, недовербата на „Кљусевата Влада“ е изгласана по претходно барање на 26 пратеници од четирите партии, кои предложија кандидати за пратеници и од редот на т.н. независна група на пратеници, што значи дека чинот на рушењето на споменатата Влада бил договорен и „оркестриран“. Понатаму, за „рушење“ на Владата на Кљусев гласале 97 пратеници од присутните (веројатно сите присутни), додека, колку за споредба, за донесувањето на новиот Устав на Република Македонија, на 17 ноември 1991 година, гласаа 92 пратеници.

Зад рушењето на Владата на Кљусев стоеше и Претседателот на Републиката Киро Глигоров, кој како „политички маестро“ успеа да ги поттикне надежите и желбите на партиските раководства да се впуштат во „натпревар“ за државни функции, при што, по неколку смислени постапки – успеа Владата на Република Македонија да ја предаде во рацете на идеолошки и политички, нему најблиската партија, на СДСМ, и на политички – најприлежниот кандидат за Претседател на Владата, Бранко Црвенковски.

КАКО ГЛИГОРОВ ГИ ИЗИГРАЛ И ЉУБЧО ГЕОРГИЕВСКИ И ПЕТАР ГОШЕВ

Смислената постапка на Киро Глигоров за рушењето на Владата на Кљусев се состоеше во следното:

Прво, мандатот за состав на Владата му беше даден на Љубчо Георгиевски, но беше „договорено“ ниту една партија да не прифати да стапи во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.  По осум дена Љ. Георгиевски го врати мандатот на 14.07.1992 г.

По три дена (на 17.07.1992), претседателот Глигоров му го додели мандатот на Петар Гошев. „Договорот“ со Бранко Црвенковски бил да му предложи само „Бранкови“ луѓе од СДСМ, со инсистирање или да ги прифати, или да го врати мандатот. Гошев цели 20 дена се обидувал да „стокми“ состав на членови на СДСМ кои би му биле лојални. Не успевајќи во тоа и изјавувајќи дека „не бил за еднократна употреба“, го вратил мандатот на 06.08.1992 г.

По само еден ден на 07.08.1992 г. Глигоров му го дал мандатот на Бранко Црвенковски, кој формирал Влада – избрана на 04.09.1992 година.

По рушењето на Владата на Никола Кљусев, Претседателот на Републиката стана доминантен политички фактор и при формирањето на Владата на Бранко Црвенковски, како што беше и при формирањето на Владата на Никола Кљусев. Но, за разлика од неговата неможност да влијае врз политиката на таа Влада, во примерот со Владата на Бранко Црвенковски, Претседателот на Републиката стана незаобиколив фактор и во градењето на владината политика. Претседателот Киро Глигоров, со Владата на Бранко Црвенковски, си го врати мирот и спокојството, бидејќи знаеше оти ниту една позначајна владина одлука не може да се очекува да биде донесена без да биде продискутирана и „просудена“ и од самиот него.

Новиот, млад Премиер имаше потреба за „одобрување“ речиси на секоја поважна планирана одлука на Владата; не само поради неговото политичко недоискуство, туку и поради неговата потреба за дифузија на одговорноста за крупните, претстојни, транзициски задачи. На тој план, со време, се покажа оти и двајцата носители на извршната власт имале слични разбирања за тие, но и за други прашања за кои взаемно, се надополнувале и се согласувале.

Данокот на лојалноста кон Милошевиќ

Поради тоа, се поставува прашањето: Што постигна Претседателот на Републиката Киро Глигоров со рушењето на Владата на Никола Кљусев и што доби и/или изгуби Република Македонија со изборот на Владата на Бранко Црвенковски?

Општо кажано, Претседателот на Републиката, со рушењето на Владата на Никола Кљусев и со формирањето на Владата на Бранко Црвенковски, прво ги реши своите проблеми на „домашниот“ терен, поврзани со неговата потреба за доминантно политичко водство – согласно со неговото самочувство и со неговиот карактер. Второ, кога станува збор за неговите обврски преземени кон српскиот претседател Слободан Милошевиќ, Претседателот Глигоров, со рушењето на Владата на Никола Кљусев, одново покажа доверливост и лојалност кон него. Со рушењето на таа Влада, Претседателот на Републиката, практично, го отстранил далеку порешителниот и побескомпромисниот политички противник на идејата за здружување со Србија во сојузна држава, при услови на манифестиран агресивен големосрпски национализам – од тоа што бил и што воопшто можел да биде Петар Гошев.

Претседателот на Републиката, пред рушењето на Владата на Никола Кљусев, својата „лојалност“ кон договорот со Слободан Милошевиќ ја имаше покажано и во врска со прашањето за одржување на референдумот, на кој, согласно со тој договор, требаше да се создаде основа за идна припадност на Република Македонија на Сојузот на југословенските републики. Уште на почетокот на југословенската криза беше јасно дека СФРЈ ќе се рекомпонира и тоа под голем притисок на српските интереси и на нејзината сила. Во таа смисла, на споменатата седница на Претседателството на СФРЈ, на која присуствуваа и претседателите на републиките и на републичките собранија, Слободан Милошевиќ му рекол на Стојан Андов дека Словенија ќе ја „откачеле“ од Југославија, на Хрватска ќе ѝ биле земени делови во кои Србите биле во мнозинство, а Босна и Херцеговина и Р. Македонија ќе останеле во рекомпонираната југословенска заедница. Поради тоа, всушност, бил договорот со Киро Глигоров, кој ја прифатил идејата Македонија да остане дел од Југославија, со што би била заедно (и) со Србија. Во таа смисла, покрај отстранувањето на противниците на таа идеја, важен бил и референдумот и затоа Киро Глигоров имал инструкции за референдумското прашање.

(Во следното продолжение: Како се „крчкаше“ вториот дел од прашањето на референдумот за независна Македонија)

 

СИТЕ МАКЕДОНСКИ ВЛАДИ И ПРЕТСЕДАТЕЛИТЕ ВО 1990-ТИТЕ (1) Првата влада требаше да биде на Глигоров, а не на Кљусев

 

Поврзани содржини