Сите кумановци вработени во здравството кои работат во болници надвор од градот, да се стават на располагање на кумановската болница
Владата на денешната седница ја прифати информацијата на Комисијата за заразни болести која препорача сите вработени во здравствениот систем кои се од Куманово, а работат во други градови во државата, да се стават на располагање на болницата во Куманово.
„Ќе се определат инфектолози од другите градови во регионот, Крива Паланка и Кратово, кои ќе бидат повлечени за да работат во Центарот за јавно здравје во Куманово. Здравствениот персонал што ќе биде ангажиран како дополнителен, ќе работи најмногу 14 дена, а потоа ќе биде заменет со нов тим според систем на ротација“.
Аптеките во градот, и покрај полицискиот час, ќе работат непречено, а Министерството за здравство соопшти дека ќе изработи план за непречена работа и на здравствените установи на подрачјето на Општина Куманово.