Сиромаштијата се наследува и во ЕУ

Фактите доволно силно ја изразуваат вкупната слика на подобрување на состојбите. Тенденциите на осиромашување во Европа на најширок план се сепак позитивни. Во ЕУ како целина, во периодот од 2015 до 2023 година, бројката на граѓани класифицирани како материјално и социјално сиромашни е намалена од 9,7 на 6,8 проценти од вкупното население во Унијата.

954

Членството во ЕУ несомнено го забрзува излегувањето од економската заостанатост и неразвиеност, но сиромаштијата тешко ја подобрува својата положба и споро прогледува и под чадорот на Унијата. Речиси 25 отсто, или секое четврто дете во ЕУ минатата година се наоѓало во ризичната зона на сиромаштија и социјална исклученост, покажуваат најновите податоци на Евростат.

Сиромаштијата како статус на наследност тешко се надминува во повеќе ЕУ-членки, бивши комунистички земји од Источна Европа. Општо земено, ризикот од сиромаштија е значајно поголем за оние кои растеле во сиромашни семејства. За европските граѓани, пак, од економски помоќните западни членки, од „старата“ ЕУ, таквиот ризик е двојно помал.






Во Данска, на пример, мерено од аспект на социјалниот и економски статус на семејството, не постои речиси никаков ризик од запаѓање во сиромаштија дооколку некој растел во семејство со лоша економија. Околу 10 отсто од Данците за кои се смета дека живееле во домаќинства со слаба економија, и исто толку од оние кои живееле во подобро ситуирани смејства, се класифицираат како „релативно сиромашни“ во статистиката на Евростат.

На сиромашниот Исток состојбите се драстично поразлични. Околу 40 отсто од Бугарите и 30 отсто од Романците кои раснеле во сиромашни семејства и денес се сметаат за релативно сиромашни. За разлика од таа група социјални аутсајдери, само околу 12 отсто од бугарските граѓани, кои живееле во добростоечки и ситуирани семејства сега се категоризирани како сиромашни. Социјалните разлики, кои по падот на комунизмот енормно се продлабичија, очигледно тешко се надминуваат.

Иако, за волја на вистината, тоа не е и некакво правило. Словенија, која во рамки на Југославија, СФРЈ, беше република со најдобри претпоставки за солиден социјален и економски статус на нејзините граѓани, е таква и денес, во рамки на ЕУ. Преку 40 отсто од децата во Романија и околу 34 отсто во Бугарија, се наоѓаат во ризичната зона на сиромаштија и социјална исклученост, додека во Словенија со таков ризик се опфатени само окмолу 10 отсто од тамошните деца, што е воедно и најнизок процент во целата ЕУ.

Еден од главните ефекти на европските интеграции, гледано во подолг временски период од неколку децении, е тоа што БДП по глава на жител на членките на ЕУ се приближи до европскит просек, така што постепено се случува изедначување меѓу населението на најбогатите земји и жителите на најсиромашните земји во Унијата. 13 од 16-те најсиромашни членки на ЕУ и 8 од 11-те најбогати земји денес се поблиску до просекот на ЕУ отколку пред десет години. Словенија лани се искачи на 91 процент од ЕУ-просекот.

Во секоја случај, независно од перспективата на гледање на нештата, ЕУ е несомнено спас за сиромашните во Европа. На Бугарија и беа потребни повеќе од една и пол деценија, колку што е полноправна ЕУ-членка, за да ја подобри својата релативна куповна моќ по глава на жител за околу 20 проценти. Својот „европски пат“, сметајќи ги претходните десетина години на пристапните преговори, пред да стане членка во 2007 година, Бугарија го започна на ниво од само 30 отсто од европскиот просек. Оттогаш повеќе од двојно го зголеми својот БДП биланс по глава на жител – на 64 проценти.

ЕУ постави цел за намалување на сиромаштијата во Унијата до 2030 година. Урсула фон дер Лајен во своето обраќање пред Европскиот парламент, откако беше реизбрана за претседател на Европската комисија, вети скорешна прва стратегија против сиромаштијата во наредниот петгодишен мандат на Комисијата. Остри критики доаѓаат од разни страни во ЕУ дека средствата од европските фондови често се злоуптербуваат за лични интереси, наместо да се насочат кон борбатата за намалување на сиромаштијата и подобрување на човековите права. Токму затоа се очекува порешителен ангажман од страна на Европската комисија.

И очекувањата на земјите кандидадтки за членство во ЕУ, се разбира, не се потценување. Македонија, која се вбројува во лигата на сиромашниот Југ, е уште далеку и од нивото од 50 отсто од европскиот просек, каде што моментално се наоѓа Црна Гора. Колку години, или, подобро речено, децении ќе ѝ бидат потребни на Македонија, која сѐ уште ги нема ни започнато пристапните преговори за членство, како и на Западен Балкан во целина, да се доближи до нивото на Бугарија во однос на ЕУ-просекот, е, најблаго речено, неблагодарно да се прогнозира.

Но економските разлики меѓи најбогатите и најсиромашните членки на ЕУ продолжуваат да се намалуваат. Што би можела да биде подобра алтернатива за една девастирана економија и длабоко корумпирано општество какво што е Македонија, освен, според принципот на „отрезнување“, да се пристапи на сериозен начин кон вистинско исполнување на пристапните критериуми, а што постепено ќе води кон целта – отворање на портите на ЕУ и прием во членството. Без оглед колку изградбата на таквиот пат би можела да трае.

Фактите доволно силно ја изразуваат вкупната слика на подобрување на состојбите. Тенденциите на осиромашување во Европа на најширок план се сепак позитивни. Во ЕУ како целина, во периодот од 2015 до 2023 година, бројката на граѓани класифицирани како материјално и социјално сиромашни е намалена од 9,7 на 6,8 проценти од вкупното население во Унијата.

Нема причина да не се верува дека таквите развојни бранови би ја повлекле и Македонија кон помирни и постабилни економски води. Со чамец за спасување на кој би имало и повеќе места за сиромаштијата.

Поврзани содржини