Синот на Сашо Мијалков за тепачката во Дебар Маало: Не бевме приведени, се трудевме да спречиме некој да биде повреден

Вчера не бевме приведени, туку бевме повикани од полицијата за да дадеме исказ во врска со настанот и веднаш постапивме по поканата и кажавме што и како се случи. За жал, еден од нашите пријатели и во текот на вчерашниот ден продолжи да добива закани на мобилниот телефон, наведува Александар Мијалков, син на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

2,045

Заради точно информирање на јавноста би сакале да ги демантираме сите невистини дека наводно сме претепале момче и дека заради тоа сме биле приведени, истакна Александар Мијалков, син на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

„Свесни сме дека презимето кое го носиме предизвикува внимание во медиумите и јавноста, но тоа не ја намалува обврската за професионално известување и пренесување на двете страни пред да се изведе заклучок дека некој некого претепал или бил уапсен. Во петокот вечерта со неколкумина пријатели бевме излезени во кафуле во Дебар Маало. Околу 20.45 часот еден од пријателите од нашето друштво имаше расправија со девојката, после која беше нападнат од неколкумина нејзини другари. Еден од нив, кој делуваше дека е под дејство на алкохол, извади и боксирач и удираше со него. Ние двајцата ги двоевме двете групи и се обидувавме да ја смириме ситуацијата за да не ескалира. Откако момчињата од двете групи излегоа надвор, лицето кое имаше боксирач продолжи да напаѓа, а ние се трудевме да спречиме некој да биде повреден. На жалост, нашиот пријател се здоби со три расекотини на главата од боксирачот на тоа момче. Подоцна разбравме дека токму напаѓачот е тоа 19-годишно момче кој го пријавил настанот“, пишува Александар Мијалков во реакцијата.






По случката, наведува тој, заминале дома, а нивниот пријател побарал медицинска помош.

„Вчера не бевме приведени, туку бевме повикани од полицијата за да дадеме исказ во врска со настанот и веднаш постапивме по поканата и кажавме што и како се случи. За жал, еден од нашите пријатели и во текот на вчерашниот ден продолжи да добива закани на мобилниот телефон. Исто така во текот на вчерашниот ден, Филип беше нападнат од истата група на момчиња кои што со шипки и пендраци удираа по колата во којашто седеше. Во полиција е пријавен и насилен напад врз Филип при што беше оштетено возилото во кое се наоѓаше. Се надеваме дека полицијата ќе го расчисти случајот, а со тоа ќе запрат и дезинформациите во јавноста“, пишува Александар Мијалков.

Министерството за внатрешни работи (МВР) вчера информираше дека во Дебар Маало се случила тепачка, но не потврди дали учесници во тепачката се братучедите Мијалкови.

„Ноќеска во 00.30 часот во Полициска станица Центар, И.С.(19) од Скопје пријавил дека на синоќа околу 21.45 часот во и пред угостителски објект на подрачјето на Центар бил физички нападнат од Ж.К., А.М., М.К., Ф.М., С.Р. и И.С.. Лицата се повикани во полициска станица и известен е Jавен обвинител. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопшти МВР.

Поврзани содржини