„Синофарм“ ни го вратил авансот за вакцините, но тоа не значело откажување на договорот за набавка
Разговорите се во завршна фаза, не станува збор за откажување на договорот, вакцините против ковид-19 од производителот „Синофарм“ во најкус можен рок ќе стигнат во нашата земја - велат од Министерството за здравство.
Кина ѝ ги врати парите на Македонија за вакцината на „Синофарм“, велат од Министерството за здравство, објави Канал 5.
– Авансната уплата која Министерството за здравство ја изврши за набавка на вакцината „Синофарм“, по барање на кинеското Министерство за надворешни работи беше повлечена заради усогласување на документација, на нашето МНР и МНР на Народна Република Кина. Разговорите се во завршна фаза, не станува збор за откажување на договорот, вакцините против ковид-19 од производителот „Синофарм“ во најкус можен рок ќе стигнат во нашата земја – велат од Министерството за здравство.
Вчера опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ објави дека имаат информации дека е вратен авансот кој владата го платила до кинеската фирма. Од ВМРО-ДПМНЕ потенцираа дека имаат информација дека Македонија нема да ги добие кинеските вакцини во наредниот период.
Филипче вчера на прес-конференција во Гостивар потенцираше дека продолжуваат преговорите со сите компании за вакцина.