Синдикатот на Клинички центар бара поголеми плати за 40 отсто, како што ветуваа СДСМ и ДУИ

Неисполнувањето на ова очекување ќе значи изборна манипулација на гласачкото тело поврзано со здравството или превидени и потценети економски последици предизвикани од пандемијата со ковид-19, истакнуваат од Синдикатот.

220

Самостојниот синдикат на Клиничкиот центар соопшти дека очекува да се реализира ветувањето на СДСМ во изборната кампања за 40 отсто зголемување на платите во јавното здравство, односно по 10 отсто секоја година.

Кандидатот на ДУИ за претседател на владата, Насер Зибери, посочуваат од Синдикатот, вети плата на медицинските сестри од 600 евра.






– Овие ветувања имаа големо и директно влијание на изборниот резултат. Синдикатот на Клинички центар очекува нивна реализација, а како првично покачување на основната плата од 10 отсто во првата година од мандатот на владеачката коалиција. Временски ограничениот додаток на плата обезбеден со средства од Светска банка не е зголемување на платите во јавното здравство од пет отсто. Зголемувањето на основната плата во јавното здравство се врши исклучиво од буџетски средства, а се исплатува согласно колективен договор. Знаејќи дека изборите се одвиваа во услови на прогласена пандемија, неисполнувањето на ова очекување ќе значи изборна манипулација на гласачкото тело поврзано со здравството или превидени и потценети економски последици предизвикани од пандемијата со ковид-19 – истакнуваат од Синдикатот.

Оттаму потенцираат дека за нив навредлив е ставот на најголемата опозициска партија за враќање на медицинскиот кадар со тврдењето дека „пациентите инвестирале во нивно образование, бесплатно ги образувале“.

– Концептот кој во основниот пристап тврди дека на нашето здравство му треба знаење не е нов и во практиката доживеа целосен неуспех, следствено и континуираната медицинска едукација базирана на таквиот концепт. Единствен пристап кој може да доведе до намалување на одливот на докторите и медицинските сестри, како и нивно враќање во јавното здравство е соодветното вреднување на нивниот труд и почитување на нивното достоинство. Политичките чинители не треба да заборават дека вработените во здравството имаат големо влијание во креирањето на јавното мислење – стои во соопштението од Самостојниот синдикат на Клиничкиот центар.

Поврзани содржини