Синдикатите побараа да се реши статусот на 4.700 наставници и соработници

Министерката за образование и наука, Мила Царовска, пак, ги повика наставниците да побараат објаснување од опозициските пратеници зошто се против законските измени кои ги блокираат во Собрание.

222

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) апелира што поскоро да се реши статусот на околу 4.700 наставници и стручни соработници во образованието односно нивниот работен статус да биде регулиран со договори за вработување на неопределено време.

– Поради тоа е и главното наше барање договорите за вработување на определено време да бидат најмногу до една година, уште повеќе поради случајот со околу 4.700 наставници и стручни соработници во образованието кои зависат од одлуката на пратениците за решавање на нивниот егзистенцијален статус, за обезбедување сигурна и достоинствена работа и плата – соопшти ССМ.






Наведува дека како единствен репрезентативен синдикат во јавниот сектор и во приватниот сектор секогаш застанува во одбрана на работниците и се бори за нив во сите сектори, а поради недоволна заштита на работниците во образованието, информира дека ќе ги организира просветните работници во рамките на Сојузот на синдикатите на Македонија во нов прогресивен синдикат за образование.

– Тој секогаш ќе стои во одбрана на нивните работнички права, а работниците слободно ќе можат да ги искажат своите ставови и заедно со ССМ да ги остварат своите права. Со постапките на сите чинители во општеството потребно е заеднички да придонесеме, работниците од образованието да се чувствуваат достоинствено и да не се плашат за сигурноста на своите работни места – соопшти Сојузот на синдикатите на Македонија.

Министерката за образование и наука, Мила Царовска, пак, ги повика наставниците да побараат објаснување од опозициските пратеници зошто се против законските измени кои ги блокираат во Собрание.

Според неа економската и правната сигурност на наставниците е на врвот на приоритетите на Владата.

– За жал, опозицијата продолжува да го блокира во Собранието овој процес којшто е од најголем интерес на наставниците, а со тоа и на учениците. Вчера бевме сведоци на неуспешно дискутирање на Комисијата за образование во Собранието кадешто опозицијата го блокираше повторно овој закон со кој се гарантира трансформација за повеќе од 4.700 наставници, коишто во моментот немаат правна сигурност на нивното работно место. Исто така, во овој закон стои и клаузула во којашто правно се заштитува понатаму девалвирањето на платата на наставникот затоа што за првпат се усогласува со минимална плата. Како минималната плата ќе расте, така ќе растат и платите на наставниците – вели Царовска.

Таа посочи и дека законот уредува сите нови вработувања во училиштата да бидат директно на неопределено време, наместо како досегашната практика да се чекаат две години за отпочнување на процес на трансформација, а воедно и сите наставници и стручни соработници кои во овој момент се ангажирани на определено време, со стапувањето во сила на законските измени ќе добијат
решение за трајно вработување, доколку ги исполнуваат предвидените законски услови.

Поврзани содржини