СИН НА ОБВИНИТЕЛКА ВМЕШАН ВО АФЕРА СО ШВЕРЦ НА ЛУКСУЗНИ ВОЗИЛА Зошто за А.К., кој бил дел од СЈО, а сега е во Агенцијата за разузнавање, воопшто не е побаран притвор!?
Синот на обвинителката кој е вмешан во аферата со шверц на луксузни возила засега куртулива од притвор затоа што институцијата каде работи мајка му не бара такви мерки за него.
Еден од петтемина осомничени за шверц на луксузни автомобили за и Јавното обвинителство пред неколку дена соопшти дека повело постапки, е син на обвинителка од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, пишува Мкд.мк.
Станува збор за А.К., син на обвинителката Енгелуше Кадриу Леши, кој сега е вработен во Агенцијата за разузнавање. Плусинфо дознава дека А.К. претходно бил истражител во Специјалното јавно обвинителство (СЈО) заедно со Арафат Муареми Артан Ајро.
За тројцата од осомничените, кои се дел од постапката, побарана е мерка притвор, но тоа не е случај со синот на обвинителката и неговиот колега, кои се осомничени за фалсификување службена исправа. За нив не е побарана таква мерка.
За овој случај од ОЈО за МКД.мк одговориле дека обвинителот постапува според доказите и дејствијата на осомничените, без разлика на евентуалните семејни или други релации.
„Во конкретниот случај, како што претходно известивме, постапка е поведена против вкупно 5 лица од кои три се осомничени за кривични дела криумчарење и фалсификување исправи и за сите нив беше побарана мерка притвор. За двете службени лица кои се осомничени за дело фалсификување службена исправа, дело кое се гони во скратена постапка, не беа исполнети законските основи да се бараат мерки за обезбедување. Двете лица се достапни во досегашниот тек на постапката, беше извршен претрес во нивните домови и веќе дадоа исказ пред јавен обвинител во својство на осомничени“, се вели во одговорот од ОЈО до МКД.мк.
За случајот се огласи и Министерството за внатрешни работи, потврдувајќи дека МВР до ОЈО поднело кривични пријави против лицата Д.К., Г.С. и С.С. за кривични дела криумчарење и Фалсификување исправи. Под сомненија за кривично дело – Фалсификување службена исправа пријава е поднесена и против А.К и А.Ш. службени лица кои во времето на извршување на дејствијата биле вработени во управните служби на МВР.