📽️ СИЛНА БУРА ИМ ГО РАСИПА ПРАЗНИКОТ НА АМЕРИКАНЦИТЕ Речиси милион колрисници останаа без струја

Ветрови со брзина до 112 километри на час соборуваа дрвја и далноводи. За првпат поради невреме е одложена традиционалната празнична парада во Њујорк.

2

Силна бура го погоди источниот брег на САД вчера, на Денот на благодарноста, оставајќи речиси милион домаќинства и деловни објекти без струја. Поројните дождови предизвикаа поплави во крајбрежните населби, хаос во воздушниот и во железничкиот сообраќај.

Според податоците на платформата „Пауер аутиџ“, синоќа во 19.30 часот по локално време повеќе од 961.000 корисници биле без струја. Најпогодени биле Пенсилванија, Њу Џерси, Мериленд и Вирџинија, објави Ројтерс.






Невремето ги наруши и празничните патувања низ САД. Според најновите податоци на сервисот „Флајт авер“, вчера биле откажани 454 лета, додека 2.411 доцнеле. Меѓу најпогодените се аеродромите во Вашингтон и во Њујорк.

 

Поради опасноста од силните ветрови, организаторите ја одложија 100-тата традиционална парада на „Мејсис“ во Њујорк за сабота. Ова е прво одложување на парадата поради невреме во нејзината историја.

Вонредна состојба беше прогласена во Њу Џерси и во делови од сојузната држава Њујорк. Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, соопшти дека спасувачките екипи извлекувале луѓе од автомобили заглавени во поплавите.

Силните ветрови соборија дрвја и урнаа неколку градежни скелиња. На аеродромот „Ла Гвардија“ биле регистрирани налети на ветер од 90 километри на час.

 

Во крајбрежните населби од Северна Каролина до Њу Џерси, силните ветрови во комбинација со високата плима предизвикаа поплави. Во Оушен Сити водата достигнала длабочина од околу 30 сантиметри.

Речиси 29 километри долгиот мост-тунел преку заливот Чесапик во Вирџинија беше затворен неколку часа. Во Мериленд речиси 2 милиона корисници на водоводната мрежа беа повикани да штедат вода поради прекините во снабдувањето со струја.

 

Обилни снежни врнежи зафатија делови од централниот дел на САД. Во Сент Луис, во Мисури, биле измерени 18,5 сантиметри снег, додека во Сент Џеневив наврнале 35,5 сантиметри.

Во градот Венцвил се урна покривот на спортска сала за хокеј. Според градските власти, објектот бил празен во моментот на уривањето.

На западниот брег, рекордно високите плими и силните ветрови предизвикаа поплави долж крајбрежјето на Калифорнија. Жителите на одделни подрачја беа евакуирани.

Националната метеоролошка служба на САД прогнозира дека денеска на делови од источниот брег ќе има налети на ветер со брзина од 40 до 56 километри на час.

Поврзани содржини