СИЛЕН ТОПЛОТЕН БРАН ВО ГРЦИЈА Се очекуваат температури до 43 степени

Воведен е задолжителен прекин со работата во периодот меѓу 12 и 17 часот за работниците на технички и градежни проекти, на градилишта, бродоградилишта, како и на доставувачите со мотори или велосипеди, во повеќе делови од земјата, со цел работниците да се заштитат од високите температури.

451

Нов силен топлотен бран од денеска ја зафати Грција со температури што почнувајќи од утре и во следните денови се очекува постепено да се зголемуваат и да достигнат и до 42-43 степени Целзиусови во повеќе делови на земјата, јави дописничката на МИА од Атина.

Според најавите и прогнозите, топлотниот бран се очекува да трае до недела, а четврток и петок веројатно ќе бидат најтоплите денови.






Министерот за климатски кризи и цивилна заштита на Грција Јанис Кефалојанис вчера одржа вонреден состанок поради екстремните температури и било одлучено сите надлежни органи и служби да бидат во состојба на зголемена готовност.

Од Министерството за труд на Грција за денеска воведоа задолжителен прекин со работата во периодот меѓу 12 и 17 часот за работниците на технички и градежни проекти, на градилишта, бродоградилишта, како и на доставувачите со мотори или велосипеди, а се однесува на повеќе делови на земјата, со цел работниците да се заштитат од високите температури.

Општина Атина, но и речиси сите други општини во Грција, како што е секогаш случај кога земјата се соочува со топлотен бран, отворија климатизирани простории за граѓаните.

Ланското лето беше едно од потоплите во Грција кога просечните максимални дневни температури беа многу повисоки споредбено со просекот од 2010-2019 година, а главната карактеристика на летото беа големиот број последователни денови со многу високи дневни и ноќни температури, главно во урбаните центри.

Поврзани содржини