СИЛЕН ЕКОНОМСКИ СИГНАЛ ОД ИСТАНБУЛ Сали повика на нов бран инвестиции меѓу Македонија и Турција

Беким Сали во Истанбул повика на зајакнување на економската соработка меѓу Македонија и Турција, со фокус на инвестиции, инфраструктура и европска интеграција.

1

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на Бизнис форумот Македонија – Турција во Истанбул, каде што ја нагласи важноста од продлабочување на економската соработка и отворање нови партнерства меѓу двете земји.

Во своето обраќање, Сали истакна дека Македонија и Турција имаат исклучително блиски и пријателски односи, изградени врз доверба, заемна почит и долгорочна соработка.






Тој посочи дека Турција претставува еден од најзначајните економски партнери на државата, со силно присуство на турски компании во индустријата, инфраструктурата, банкарскиот сектор, образованието и туризмот, кои, како што рече, придонесуваат за економски раст и отворање нови работни места.

Осврнувајќи се на владините приоритети, Сали нагласи дека Реформската агенда и Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан претставуваат значајна можност за забрзан економски развој и зголемена конкурентност.

– За првпат, европската интеграција е директно поврзана со конкретни инвестиции, економски раст и постепена интеграција во Единствениот европски пазар. Тоа отвора нови можности за компаниите, инвеститорите и граѓаните – истакна Сали.

Тој ги охрабри турските компании да ги искористат можностите што ги нудат ИПА фондовите, Планот за раст на ЕУ и Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), посочувајќи дека Коридорите 8 и 10 остануваат клучни стратешки инфраструктурни проекти во регионот.

Сали додаде дека постои значителен потенцијал за соработка во обновливите извори на енергија, дигиталната трансформација, иновациите, современите технологии и производствениот сектор, оценувајќи дека европската интеграција е процес на модернизација, конкурентност и долгорочен просперитет.

Поврзани содржини