Силата и правдината
Значи, од глупаци страда општо-светската политика и ќе страда... сѐ додека на власт се докопуваат неграмотни, како овој ТРАЛОС Грк, кои сметаат дека јазикот и идентитетот на еден народ кои се стекнати и со завештание наследени духовни белези, како материјални потрошни добра може да се доделуваат налик на милостиња која се раздава на раскрсница.
Повеќе пати пишував (и нема да се повторувам) за некоректната асимилаторска политика кон Македонците од страна на Бугарите, истата поткрепена од ЕУ, за голема жал и од нашите „Македонци“ – властодршци, но и од домашни Албанци – политичари кои не случајно (ги) се ставија во улога на катализатор во спорот со Бугарите – смислено да не нѐ поддржуваат, и повеќе од тоа… отстрана (сега – засега) чекајќи како орли да ни се настрват оној момент кога ќе им се причини дека клапнавме. За тоа, допрва ќе видиме…!
Деновиве, ме восхити изјавата на некој грчки политички паликари – ХАМЕНО Грк, кој себе се доживува како наш дародател, кој се попишманил: „Мега грешка беше ДОДЕЛУВАЊЕТО на македонскиот идентитет и јазик“.
Значи, од глупаци страда општо-светската политика и ќе страда… сѐ додека на власт се докопуваат неграмотни, како овој ТРАЛОС Грк, кои сметаат дека јазикот и идентитетот на еден народ кои се стекнати и со завештание наследени духовни белези, како материјални потрошни добра може да се доделуваат налик на милостиња која се раздава на раскрсница. Му препорачувам на тоа ГАЈДУРИ, „на мин фаи ската…“, да почека… зашто блиску е времето кога ќе го поништиме Преспанскиот договор, а тие, нашите, што го договорија и потпишаа… на плоштад, за јајцата ќе ги окачиме под панделката на Букефал.
Загрижени за себе, повторно зачестија наменските порако-наредби на влијателни политички силеџии, решени со инка да ни го нагнетат срамниот бугарско-француски фалш. И визитари од Макроновата клиника за душевни болести, кои со силата на авторитетот произлезен од функцијата која ја обавуваат а не од паметот кој го поседуваат, жалните, ни доаѓаат како пациенти во свој приватен санаториум, за преку говорно празнење со шогодериите зборови упатени на нас, да си ја примаат терапијата – го лечат комплексот, стравот од Русите, кои тренирајќи маратон на Црното море, дан… по грешка се префрлат на „нивен терен“… на оваа – Бугарската страна на Црноморскиот брег…
Затоа – „што да страдам јас, страдај ти!“ – спрема нас Македонците се однесуваат како да сме толпа малоумници… Затоа фашистичкото слово на Бугарите го прифатија и бесрамно го прогласија за европски критериум… Затоа од европското дувло, подбоцнато од подмижаниот дооден „наш стратешки партнер“ (за тоа, фала ѝ, ја чувме и Дрнц…), влекачи со сила на авторитет, – надве-натри се забрзаа да ни ги наметнат бугарските геноцидни барања како европски дар… Затоа на смени, со визити ни го погануваат возглавјето – денес еден, вчера двајца, утре друг… сите, кој од кој бесрамни тезгароши и веќе прочитани лажговци…
Во истиот оклоп е згрижена и импресивната одлуката на ЕУ да ја „прими“ Украина во своите редови, само не знам – со која територија? – Онаа од пред месеци, или сегашната, односно утрешната!? Па, ме јаде јанѕа… – Дан сакаат итрите мајмуни, и НАС, од слична милост, НЕКОГАШ, да нѐ примат… – „ка препраени суроичари…“?
Намерно во продолжение ќе ја сменам содржината, останувајќи на истата тема, дека – насилието кое е одраз на ментална немоќ и правдината од која се раѓа и опстојува сета питомија на човековата свесност, не одат заедно, туку се начекуваат на паралелните патеки по кои се движат. – Силата руши, а неуморната Правда врз рушеното гради мостови… па ќе ви раскажам за неправдата произлезена од силата, одамна нанесена на мојата детска душа која и денеска ја чувствувам…
Еве како беше тоа:
– Ден пред Божиќ, доцна ноќта брат ми се врати од тригодишното „отслужување“ на Голи Оток. Мајка цела ноќ не легна чекајќи го. Сабајлето ме скорна за на училиште и ми рече тивко да се спремам за да не го разбудам братот кој си дошол од војска.
Во школскиот двор на Основното училиште „Маршал Тито“, во Тетово, одделенијата веќе беа построени едно до друго и го чекаа ѕвончето и знакот од дежурниот учител за да влезат во училниците. Како повисока од другите деца се строев во првиот ред од моето одделение, секогаш со другарчето Кире, чиј татко беше исто така по Информбирото на Голи Оток. Затрчана, застанав до него во редот и немав време ниту да го погледнам од возбудата што доцнев, кога пред нас се исправи Верица, ќерката на нашата учителка која учеше со нас во одделението, го испогледа оддолу нагоре Кирета, изненадно му удри една шлаканица и влечејќи го за јаката од палтото го истурка на последниот ред од стројот, гласно корејќи го: – „Што си се дотерал за Божиќ, а?“. Со вцрвенет образ, местејќи си ја јаката, Кире тивко одговори: – „Татко ми синоќа се врати…“. – „А, од кај се врати татко ти, а?“ – го праша таа. – „Па, се врати…“ – прошепоте Кире со погледот в’земји, избегнувајќи да каже од каде.
Дежурниот учител како и сите ние децата, бевме неми свидетели на настанот, кога како среќен миг силно заѕвони ѕвончето во рацете на прислужникот, а учителот ни даде знак да влеземе во училниците. Замислен, Кире последен влезе, го извади палтото, го здипли полека и го смести под клупата. Потоа исчекори сред училницата и се упати право кон Верица (која како ништо да не било, во очекување на мајка ѝ беше седната на нејзиното место – на катедрата, обидувајќи се како учителка да ја стиши викотницата во училницата), ја фати за косата и со тргање ѝ ја скуна главата до душемето, потоа ја легна на грб и со коленото ја стисна на градите, велејќи ѝ: – „Сакаш да знаеш од каде дојде татко ми? – Од затвор, од затвор, од затвор дојде…“.
Како ги повторуваше зборовите, така посилно ја гмечеше по градите, дури Верица не почна да се задушува. Навреме влезе учителката, го грабна Кирета за увото, го исправи пред таблата, потоа го завлече да клекне на колена пред неа и почна со највисок глас да го прашува зошто ја нападна Верица, која остана на душемето да вреска и да чука со нозете.
По сѐ изгледа поради вревата, одеднаш влезе директорот и возбуден од глетката застана до учителката, и ѝ ја одмени раката од увото на Кирета, прашувајќи го, исто така, што се случило. Кире молчеше. Сите молчевме. Учителката го зеде стапчето во рака кое секогаш го носеше под мишката, врз дневникот, па мавтајќи горе-долу со него кон нас учениците, почна да нѐ испрашува за настанот.
Настана штама во училницата. Сите деца почнавме да се гледаме еден во друг и кога по ред почнаа и директорот и учителката да ни поставуваат вкрстени прашања, во ушите почна да ми одѕвонува истиот одговор: – Не знам…! Не видов, не видов, не видов…!
Кога дојде редот на мене да одговорам на истото прашање, ја кренав скунатата глава и избегнувајќи да гледам во учителката и директорот, не сакајќи се сретнав со погледот на мојот другар, кој скршен од болка, ококорен во очите, чекаше дали и јас ќе ја повторам лагата на останатите. Јас упорно молчев. Учителката нетрпеливо почна да ме трга за косата и да ми ја потресува главата, за да одговорам, посебно поради тоа што јас бев во редот со него, па во еден момент ги тргнав очите од Кирета и вперувајќи ги во учителката, гласно реков: – „Верица го истрга од редот“ – покажувајќи со прстот кон Кирета – „затоа што е празнично променет… и без причина му удри шлаканица… и му зборуваше за татко му… и го срамеше пред сите…“.
– „Доста!“ – во еден глас викнаа и учителката и директорот кој како поглавен и посилен, авторитетно го грабна стапчето од раката на учителката, ме истрга за раката пред него и ми заповеда да клекнам на колена со испружени дланки кон него, па, наизменично ми удри по пет стапа на двете раце.
Збунета и навредена, по фустанче истрчав од училницата право дома (живеевме во првото сокаче карши школото) и плачејќи легнав на скутот од Мајка, која седеше на душемето и муабетеше со брат ми. Плачев и ѝ раскажував што ми се случи, молејќи ја да дојде со мене на училиште и да ги искара директорот и учителката.
Таа ме ислуша галејќи ме по косата, смирена и навидум рамнодушна, што уште повеќе ми ја зголемуваше болката во душата и во (до крв) вцрвенетите дланки, па одбивајќи да ме допрати до училиштето, рече:
– „Не се враќај сега назад… Исплачи се… и запамети: – Има моменти кога нема избор меѓу силата и правдината. Тогаш и каменот молчи во темелот, иако не е нем… но, и во тој, првиот момент кога силата е во подем, човекот од длабината на душата се фаќа во костец со злото кое го снашло и му се спротивставува, не борејќи се против него исто така со сила, туку трудејќи се да ја разбере нанесената неправда сосе причината за нејзиното постоење. Во разбирањето е чарето таа да се надмине, да спласне како истушен балон и да исчезне, исто како што мракот се истерува со палење на светло, а не со рака…
А, правдината секогаш е појака од силата затоа што таа е духовен предзнак кој не се губи, туку само расте, и додека силата се смалува, таа станува видна како висока планина. Со време, никој не може да ја руши, уште помалку да ја скрие, посебно, ако се потпираш на сопствената душа, која ја имаш ако претходно не си ја раздал… Никогаш човек не е толку полн со себе и свесен за себе, како кога е во душевна болка од нанесена неправда… како ти, сега… Но, токму тоа болно искуство за тебе е корисно, бидејќи те води кон растот на твојата самосвест. Еве, – дали го чувствуваш… поточно, дали помислуваш на носот кој ти виси на твоето лице додека не те заболи… пример – каснат од оса…?“ – се поднасмеа Мајка, милувајќи ме и со дланката бришејќи ми го носот и реката солзи…
Така Мајка ми зборуваше, а јас ништо не ја разбирав… Нејзините зборови не беа за да ме утеши, туку за да ми помогне – како растам, така да ги сфаќам, а потоа на мој начин и да ги примам животните случувања:
– Ти беше храбра – продолжи таа – и пред сите ја кажа вистината која што ја доживеа… иако на крајот испадна жртва… а, жртвата е понајчесто виновна! Сепак, за твојата храброст треба во себе да бидеш горда, бидејќи, од нејзините пазуви се раѓа слободарскиот дух на човекот, а тоа е богатство кое нема цена. А, мала си да знаеш дека мудроста не е во храброста, туку е во….
Не го запаметив последниот збор со кој го заврши разговорот Мајка.
Ако ме прашате, и денеска не би знаела да кажам кој би можел да биде…